И покрај повиците да ја ублажи својата реторика во предизборните настапи, водечкиот кандидат за номинација на Републиканската партија за претседателските избори во ноември, милијардерот Доналд Трамп предупреди дека на САД им се заканува нова голема рецесија.
Во интервјуто за весникот The Washington Post објавено во саботата, Доналд Трамп вели дека САД се на пат кон тешка рецесија и предупредува дека комбинацијата од висока невработеност со преценетиот пазар на акции може да води кон нов економски крах.
„Мислам дека седиме на економски балон…, на финансиски меур..“, вели Трамп во интервјуто, појаснувајќи дека не станува збор за некој посебен сектор, туку за американската економија во целина.
Според него, најоптимистичните економски прогнози биле базирани на нарушувањето на нивото на невработеноста и на заглавените цените на активите на пазарите на акции во САД. Трамп вели дека вистинските бројки за невработеноста се многу поголеми од пет отсто, колку што објави американското биро за статистика и тврди дека „Веќе сме веројатно и на 20 отсто, доколку ги гледате вистинските бројки“.
Трамп вели дека сега е „многу страшно“ време да се инвестира на берзите и ги советува Американците да се воздржат од тоа.
И покрај сите песимистички прогнози, милијардерот со увереност зборува дека тој има сили да ја поправи ситуацијата. Доколку стане претседател на САД, тој ќе избрише повеќе од 19 билиони долари од националниот долг „во период од осум години“, а тоа ќе го стори така што ќе ги испреговара сите трговски договори. /