Цената на нафтата порасна на светските берзи кон 40 долари со оглед дека намалениот курс на доларот ја поттикна побарувачката, а Меѓународната агенција за енергија (IEA) соопшти дека очекувањата дека иранската нафта ќе го преплави пазарот биле невтемелени.
На лондонската берза цената на барелот порасна 46 центи во однос на претходното затворање и изнесуваше 39,60 долари, додека во претходниот ден тргувањето го заклучи во минус 1,13 долари. На американскиот пазар со барелот се тргува по 61 цент повисока цена, од 38,89 долари. Во вторникот падна за 1,11 долари.
Нафтените пазари вчера ги притисна загриженоста дека побарувачката можеби нема да може да ја следи надојдената понуда, откако Саудиска Арабија и Катар најавија продолжување на производството на полето Кафџи. Тоа би значело дека производството нема да се замрзне на јануарско ниво, како што беше планирано во договорот со останатите големи производители.
Цената на нафтата денеска ја поттикна падот на доларот на најниско ниво во последните осум дена, откако американската гувернерка искажа голема внимателност во врска со кревањето на клучните каматни стапки во САД до крајот на годината.
„Меѓу главните причини за воздржаноста на Јелен е токму ниската цена на нафтата, за што таа и реферираше“, потсети Оливие Јакоб од Petromatrix.
„За Јелен, ниската цена на нафтата придонесува во очекувањата за ниска инфлација, но и претставува закана за глобалниот економски раст поради засилен финансиски стрес за економиите на нафтените производители“, смета Јакоб.
Дополнително цената на нафтата беше поттикната со пораката од IEA дека Иран по укинувањето на санкциите не го преплави пазарот со нафта како што се очекуваше.
„Погрешна беше процената дека огромно количество на ново иранска нафта и гас ќе влезат на пазарот во краток рок“, рече челникот на IEA, Фатих Бирол.