12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААНАЛИЗА: Просечниот Македонец има кредит од 959 евра, за една година се...

АНАЛИЗА: Просечниот Македонец има кредит од 959 евра, за една година се задолжил за дополнителни 109 евра

kal

За една година просечниот Македонец се задолжил за дополнителни 109 евра. Кај банките во февруари имал вкупни позајмици од 959 евра, а во истиот месец лани од 850 евра.

Во овој период банките на граѓаните секој ден во просек им одобрувале по 619.000 евра нови кредити, со што вкупниот износ пораснал за речиси 226 милиони евра и надминал 1 милијарда и 985 милиони, покажуваат најновите податоци на Народната Банка (НБРМ).

Најголем дел од кредитите се во денари, нивната вкупна вредност изнесува 1 милијарда и 873 илјади евра. Кредитите во евра имаат вкупен износ од речиси 112 милиони евра.

Граѓаните многу почесто земаат долгорочни кредити, нивниот збир е речиси пет пати повисок од оној на краткорочните.

За една година сомнителните и спорни побарувања од домаќинствата односно нефункционалните кредити се намалиле за 2 милиона и 390 илјади евра до сума од нешто над 101 милион евра.

Мерките за ограничување на кредитирањето засега со ограничен ефект

Народната Банка од 1 јануари воведе нова мерка – зголемување на капиталното барање за потрошувачките кредити и за минусите на картичките, а намалување за дел од корпоративните кредити што всушност првите ги прави поскапи, а вторите поевтини за самата банка, а при тоа не би требало да влијае на каматните стапки.

Тогаш НБРМ објаснуваше дека новите правила не значат дека банките ќе престанат да даваат потрошувачки кредити со подолги рокови, но дека реално било да се очекува оти ќе го следат сигналот и ќе придонесат за забавување на брзиот раст на овие кредити.

Статистиката покажува дека оваа мерка засега нема големо влијание – кредитниот раст во јануари и во февруари остана на речиси исто ниво како и во претходниот период.

Растат и депозитите но со побавно темпо од кредитите

Паралелно со кредитите растат и депозитите, но со побавно темпо. За една година заштедите на домаќинствата кај банките и штедилниците пораснале за речиси 116 милиони евра и достигнале сума од 3 милијарди и 462 милиони или 1.673 евра по глава на жител.

Монетарната власт очекува секторот да остане стабилен.

„Може да очекуваме кредитен раст од 7 до 8 проценти и во 2016-та година кој ќе биде поддржан и од депознитниот раст како стабилен извор на финансирање на банкарските активности… Политичката ситуација влијае врз одлуките и на банките и на кредитобарателите. Секако дека стабилен политички амбиент е од исклучително значање и затоа сметаме дека ако се помине во најдобар ред не постојат ризици за кредитниот и депозитниот раст“, изјави неодамна Маја Кадиевска – Војновиќ.

2015-та – одлична година за банкарскиот сектор

2015-та била одлична година за банкарскиот сектор, растеле и приходите и профитите и тоа со фантастично темпо. Најголемите имале уште поголеми добивки, а за најмалите по подолго време ги намалиле загубите. Сите заедно оствариле позитивно салдо од 75.4 милиони евра.

Лани најмногу заработила Стопанска банка, над 31 милион евра, а најголем раст на профитот остварила Комерцијална банка, дури 436%. Ова го покажуваат билансите на успех во финансиските извештаи кои досега се објавени на Македонската берза. Од поголемите играчи во секторот единствено НЛБ Тутунска се уште ги нема обелоденето своите резултати.

Гледано поединечно, лани профитот на Комерцијална банка пораснал за дури 436%. Заработката во 2015-та била 8.527.918 евра, а во 2014-та 1.591.203 евра. Остварен бил и раст на приходите. Приходите од камати достигнале 51.669.138 евра, а од провизии и надоместоци 14.890.650 евра.

Во истиот период Стопанска банка остварила раст на профитот од 26.7%. Заработката во 2015-та била 31.165.837 евра, а во 2014-та 24.590.943 евра. Остварен бил и раст на приходите. Приходите од камати достигнале 54.807.934 евра, а од провизии и надоместоци 15.204.894 евра.

Охридска банка имала зголемен профит за 72%. Заработката во 2015-та била 6.494.569 евра, а во 2014-та 3.776.373 евра. Растеле и приходите. Приходите од камати биле 16.114.308 евра, а од провизии и надоместоци 4.260.796 евра.

УНИ Банка го зголемила профитот за 20.4%. Во 2015-та заработката била 1.328.943 евра, а во 2014-та 1.103.707 евра. Пораснале и приходите. Од камати достигнале 8.233.430 евра, а од провизии и надоместоци 2.164.016 евра.

ТТК Банка имала раст на профитот од 27%. Во 2015-та достигнал 619.983 евра, а во 2014-та бил 488.211 евра. Зголемени биле и приходите. Приходите од камати биле 4.365.333 евра, а од надоместоци и провизии 2.540.975 евра.

НБРМ: сите банки заедно заработиле 75.4 милиони евра

Според податоците на Народната Банка (НБРМ) вкупната заработка на банкарскиот сектор минатата година достигнала 75.4 милиони евра. Профитот во 2015-та во однос на 2014-та бил поголем за речиси 50%.

Најдобро им одело на најголемите баки кои инкасирале 80% од вкупната добивка во секторот односно речиси 60 милиони евра.

Средните банки имале заработка од 16 милиони, а малите имале вкупна загуба од околу 200.000 евра што сепак е подобар резултат во однос на претходната година кога минусот бил речиси 1.5 милиони.

И НБРМ ги потврдува податоците од финансиските извештаи на комерцијалните банки – најголем дел од заработката доаѓа од камати, а помал од провизии и надоместоци.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП