2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБегалската криза и улогата на Македонија во Европа

Бегалската криза и улогата на Македонија во Европа

migranti 37744

Во интервју за емисијата „Гласот на народот“ на ТВ Сонце, професорот Ханс Колер, претседател на виенската Интернационална организација за прогрес, предупреди дека исламистичките милитанти ја користат бегалската криза за да ги испратат своите оперативци во Европа.

Колер силно ја критикуваше едностраната одлука на германската канцеларка Ангела Меркел за примањето на илјадници мигранти од Блискиот Исток и Северна Африка без соодветни документи за идентификација и со силно кршење на европските регулативи, особено оние предвидени со договорите од Шенген и Даблин.

Скорешните терористички напади, вклучувајќи ги и оние во Брисел, покажаа дека политиката на „отворени граници“ и слободното патување помеѓу земјите од Шенген зоната немаат никаква смисла доколку надворешните граници на ЕУ не се заштитени. Ваквата политика само ќе ја забрза логистиката на терористичките мрежи ширум Европа, објаснува Колер.

Лидерите на земјите членки на ЕУ, пред се на Германија и Грција, кои одбиваат строги мерки за да го сопрат неконтролираниот прилив на мигранти, ја запоставуваат својата должност за да ги заштитат европските граници, а сносат и одговорност за зголемените терористички закани во Европа и за растечката политичка нестабилност.

Претседателот на Интернационалната организација за прогрес, невладина организација со консултативен статус при Обединетите нации (ОН), понатаму објаснува дека мигрантите кои илегално ги преминуваат европските граници, според Женевската конвенција за бегалци всушност не се сметаат за бегалци.

Според оваа конвенција, доколку лицето илегално ја премине границата и бара да биде заштитено како „бегалец“, тоа може да важи само доколку ова лице доаѓа од земја каде што има директна закана по него. Ова не е случај со луѓето кои доаѓаат од Турција и ја продолжуваат својата миграција низ низа европски земји, на патот кон Германија.

Дополнително, Женевската конвенција за бегалци се однесува само на лицата кои се гонат или пак се под закани поради специфични религиозни, етнички, расни или политички причини, и таа не важи во воени ситуации како и за миграција поради економски причини.

Коментирајќи ги мерките за затворањето на „балканската рута“, професорот Колер го потенцирал значењето на Македонија во одбраната на безбедноста и стабилноста на Европа. Преку тоа што ги обезбедила своите граници и го заштитила својот суверенитет, земјата покажала далеку поголемо чувство за меѓународна одговорност и солидарност со европските нации, од многу други земји членки на Европската унија.

Колер изјавил дека се согласува со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој во интервју кое беше пренесено низ германските и европските медиуми, рече дека политиката на германската канцеларка Меркел целосно ја игнорирала безбедносната состојба на Европа. Професорот Колер додал дека соработката на Македонија со Австрија и со останатите земји кои се на балканската рута е од витално значење за заедничката безбедност на Европа./

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП