8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМигрантите повторно протестираат во Идомени

Мигрантите повторно протестираат во Идомени

idomeni 33

Бегалците и мигрантите повторно денеска протестираа во кампот кај Идомени на границата меѓу Грција и Македонија и на грчките острови во близина на турскиот брег.

Неколку стотици демонстранти се собраа на границата прекинувајќи го синџирот за снабдување којшто го организирале добротворните организации за мигрантите во шаторите, барајќи границата повторно да се отвори.

Покрај тоа, околу 150 мигранти ја блокираат едната лента на автопатот и надвозникот во близина на градот Поликастро организирајќи демонстрации пред малиот хотел во којшто во главно се сместени работниците на добротворните организации, јавува АП.

Некои од мигрантите, пак, сметаат дека протестите немаат смисла. „Мислам дека ова е погрешно, мораме да влеземе во програмата за релокација, тоа е единствено решение“, изјавил за АП, Бајан ал Асаф, дваесетгодишен Сириец од Хомс кој се наоѓа во Идомени со своите родители, сестрата и братот и се надева дека ќе стигне во Германија или Холандија.

Услoвите во бегалскиот камп во Идомени постојано се влошуваат по неколкудневните дождови кои местото го претвориле во кал, а во вторник еден млад Сириец се самозапали во знак на протест поради неиздржливата ситуација.

Бегалците во Идомени не знаат кои опции ги имаат. „Заминав од Сирија за да одам во Германија, не да бидам тука“, изјавил еден од нив и вели дека не се согласува со протестите, но околностите ги принудиле луѓето да демонстрираат.

Помали протести избиле и во три кампа на три грчки острови каде уапсените мигранти и бегалци чекаат да бидат вратени во Турција.

Од неделата, кога стапи на сила договорот меѓу Турција и ЕУ, властите во Грција ги апсат сите бегалци и мигранти кои стигнуваат во нивната земја, но сѐ уште не се знае кога ќе почне депортацијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП