19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКризната состојба на границите да се продолжи до крајот на годината

Кризната состојба на границите да се продолжи до крајот на годината

krizna

Собраниската Комисија за одбрана и безбедност, на седницата денес, одлучи дека треба да се прифати предлогот за продолжување на рокот за постоење кризна состојба заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Македонија и по 15 јуни, односно до 31 декември.

Министерот за одбрана, Зоран Јолевски, во образложението рече дека предлогот е донесен врз основа на Извештајот по направена детална анализа за состојбата на јужната и северната граница, како и за движењето на мигрантите од страна на групата за проценки.

Пратеничката група на ДУИ е против донесување одлука за пролонгирање на кризната состојба и по 15 јуни бидејќи, како што рече координаторот Талат Џафери, не е предвидена таква можност во Законот за управување со кризи, а од друга страна постои доволно време да се види како во практиката ќе функционира постигнатиот договор ЕУ ­ Турција.

Пратеникот Влатко Ѓорчев од ВМРО­ДПМНЕ рече дека Европа и ЕУ потенцираат дека се наоѓаат пред најголемиот предизвик и криза од 1945 година наваму, а потсети дека низ Македонија, поминаа повеќе од стотина илјади луѓе, а сето тоа има и безбедносен аспект, односно говори и за изложеноста на Македонија на ризици.

„Ако сакаме да бидеме одговорни пратеници и политичари треба да гласаме за пролонгирање на кризната состојба затоа што во 2016 можеби мигрантско­бегалската криза ќе се намали, но останува и можноста да стане поинтензивна“, рече Ѓорчев.

И пратениците Иван Сојилковиќ и Павле Трајанов сметаат дека треба да се продорлжи рокот, но Претседателот на државата како врховен командант со некаков законски акт да ги прецизира надлежностите на АРМ, на кои претходно забележа Џафери.

Министерот за одбрана Јолевски ги информира пратениците дека Претседателот веќе има донесено одредба за надлежностите на АРМ во кризна состојба.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП