20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

latestnews

Најнови вести од светот 08.04.2013

Брисел – Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо смета дека помина опасноста по опстанокот на заедничката европска валута еврото. – Верувам дека егзистенцијалната криза е помината, изјави Барозо, додавајќи дека верува оти најлошото во врска со кризата околу еврото е надминато.

 

Загреб – Поради неусогласеност со прописите на Европската унија, Хрватска воведува посебен данок на кафето и безалкохолните пијалоци, а дополнително оданочување ја чека и водата со додаток на шеќер или друг засладувач. Од посебниот данок на кафето државата во 2013 година планира приход од 103 милиони куни, а од данокот на безалкохолните пијалоци 214 милиони.

 

Загреб – Хрватската Влада усвои предлог-закон кој ќе овозможи отпис на каматите на долговите на граѓаните. Податоците покажуваат дека на 1 јануари 616.000 физички лица на кои се однесува предлог-законот, на државата и должеле околу 13 милијарди куни или 1,71 милијарда евра, од кои 5,7 милијарда куни околу 752 милиони евра се однесуваат на камати од кои ќе се откаже државата со оваа мерка. Од наведениот број на должници, 17 отсто имаат долг околу 9,2 милијарди куни (1,21 милијарда евра) или 72 отсто од вкупниот долг. На должниците ќе им се овозможи главницата да ја отплатат во рати и тоа најмногу до 60 месечни рати, зависно од висината на долгот, а каматите ќе бидат 4,5 отсто.

 

Виена – Австрискиот концерн „Сваровски“, чие седиште се наоѓа во Ватенс, оваа година повторно ќе го намали бројот на вработените. Уште во текот на пролетта бројот на работниците во областа на брусењето ќе се намали за 30 отсто, тврди австрискиот весник „Тиролер Тагесцајтунг“. Според шефот на работничкиот совет Ернст Даберта уште во текот на пролетта треба да се отпуштат 20 работници, а дополнителни 10 работни места ќе бидат намалени со пензионирање. Овој чекор е дел од пакетот мерки за штедење, кој според актуелниот план за буџетот за тековната година, во производството предвидува намалување на вкупно 150 работни места, истакнува Даберто.

 

Париз – Намалените резерви на компаниите и пониската државна потрошувачка го успорија економскиот раст во индустријализираните земји кон крајот на минатата година, намалувајќи го нивниот БДП за 0,1 отсто, соопшти Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Реалниот БДП во 34 земји-членки на ОЕЦД во последниот квартал во 2012 година опадна за 0,1 отсто, по растот од 0,3 проценти од третиот квартал. – На економнското успорување пред се влијаеше падот на резервите, што го намали растот за 0,3 процентни поени, се наведува во соопштението на ОЕЦД.

 

Мадрид – Шпанија продаде обврзници во вредност од 4,31 милијарда евра со релативно стабилни каматни стапки, што е оценето како показател дека финансиската криза на Кипар не влијае врз довербата на инвеститорите во шпанските финансии. Шпанскиот трезор соопшти дека продал нови обврзници со рок на доспевање во 2016 година, за 3,06 милијарди евра со каматна стапка од 3,02 отсто. Трезорот исто така продаде обврзници со рок на доспевање од пет години во вредност од 589 милиони евра со камата од 3,59 отсто, што е нешто над 3,56-те проценти остварени на 21 март на претходната аукција на хартии со ист рок на доспевање.

 

Брисел – Деловната активност на приватниот сектор на еврозоната значително опадна во март, што укажува дека и натаму постојат лоши перспективи за економијата на еврозоната. Индексот за управување со набавките ПМИ, што го пресметува компанијата Макрит, опадна во март на 46,5 индексни поени, што е непроменето во однос на првите проценки, но значително под февруарските 47,9 поени.

 

Париз – Расположението на Французите повторно опадна во април, по телевизиското обраќање до нацијата на францускиот претседател Франсоа Оланд на 28 март, покажа најновата анекта на маркетиншката куќа БВА. Дури 77 отсто од испитаниците изјавиле дека имаат помала доверба во економската состојба во земјата, што е за два процентни поени повеќе во однос на претходното истражување. Процентот од 77 отсто претставува нов рекорд на песимистичкото расположение на граѓаните на Франција, почнувајќи од претседателските избори, се наведува во студијата.

 

Загреб – Туризмот претставува неопходен извор на приходи за Хрватска во овие тешки економски времиња кога земја се подготвува за приклучување кон Европската унија и кога за годинава се очекува понатамошен напредок на тој сектор, изјави хрватскиот министер за туризам Дарко Лоренцин. – Фактот дека наспроти тешката економска состојба во Европа продолжува позитивниот тренд во туризмот, покажува дека Хрватска навистина станала позната и популарна туристичка дестинација, рече министерот. Иако се очекува 2013 година да биде полна со предизвици, Лоренцин очекува позитивен тренд во туризмот. Лани приходите на хрватскиот туристички сектор пораснаа за 3,2 отсто на годишно ниво на 6,8 милијарди евра, што претставува 15,4 отсто од хрватскиот БДП. Во 2011 година туризмот учествуваше со 14,4 отсто во хравтскиот БДП.

 

Рим – Побарувачката на вино во Италија достина историски минимум поради економската криза и промените во потрошувачките навики, објави земјоделската асоцијација Колдирети. Потрошувачката е намалена за 22 проценти во последните 10 години и е најниско ниво од 19. век, посочуваат од Асоцијацијата. Во Италија во 2012 година се испиени 22,6 милиони хектолитри, во споредба со двата најголеми производелите САД каде се испиени 29 милиони хектолитри и Франција со 30,3 милиони.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП