12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПромовирани новите велосипедски патеки во Скопје

Промовирани новите велосипедски патеки во Скопје

вело-пело

Со велосипедско дефиле што се возеше по должината на булеварот „Илинден“, а коешто го предводеше градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, во понеделник беа промовирани новоизградените и реконструирани велосипедски патеки од рутата 1, од проектот „Скопје велоград 2017“.

„Денеска, на Денот на пролетта, ги промовираме новоизградените и реконструирани велосипедски патеки од рутата 1, од сложениот проект „Скопје велоград 2017“, со кој ќе ја унапредиме велосипедската инфраструктура во Скопје и ќе ја зголемиме безбедноста во велосипедскиот сообраќај“, рече градоначалникот Коце Трајановски.

Со велосипедските патеки од рутата 1 се овозможи поврзување на Гази Баба, преку центарот на градот со Карпош. Како дел од оваа рута, изградени се и реконструирани велосипедски патеки во вкупна должина од 7.600 метри, и тоа: на булеварот „Александар Македонски“, од клучката кај хотелот „Континентал“, до клучката Естекада, од двете страни; на улицата „Беласица“, од булеварот „Гоце Делчев“ до клучката кај хотелот „Континентал“, од двете страни; на булеварот „Гоце Делчев“, од булеварот „Крсте Мисирков“ до улицата „Беласица“, од двете страни; на булеварот „Илинден“, пред зградата на Владата и на потегот од крстосницата со булеварот „Свети Климент Охридски“ до фонтаната „Лотосов цвет“, од двете страни и на булеварот „Илинден“, на потегот од Матично до крстосницата со улицата „Љубљанска“, од едната страна.

За изградба и реконструкција на велосипедските патеки од Рута 1 и на пешачките патеки по нивната должина Градот Скопје вложи 48 милиони денари. Градежните работи ги изведуваа екипите на ЈП „Улици и патишта“.

Трајановски додаде дека Градот Скопје веќе интензивно работи на изградба и реконструкција на велосипедските патеки од Рутата 2 од проектот „Скопје велоград 2017“ што треба да ги поврзат Аеродром – Центар – Карпош со Ѓорче Петров.

Во наредниот период ќе следуваат градежни работи и на Рутата 3 којашто треба да ги поврзе Кисела Вода со Центар и Карпош и на Рутата 4 којашто треба да ги поврзе Бутел, Чаир и Центар.

„Овој проект треба да заврши во 2017 година, но ние правиме напори поголемиот дел од најавените велосипедски патеки да ги завршиме во текот на оваа, 2016 година. Ќе напоменам и дека имаме одлична соработка со невладината организација „На точак“ кои ни помагаат со сугестии и забелешки и се надевам дека нашата добра соработка ќе продолжи и натаму. Нашата цел е да создадеме добри услови за возење велосипед во Скопје и да ги поттикнеме граѓаните во што поголем број да користат велосипед како транспортно средство“, нагласи градоначалникот Коце Трајановски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП