23 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААлександар Матовски - Цако ќе зборува пред ОН за Даунов синдром

Александар Матовски – Цако ќе зборува пред ОН за Даунов синдром

cako 22

Александар Матовски – Цако, младо момче со Даунов синдром, ќе има свој говор како само- застапник на интернационална конференција посветена на 21-ви март Светскиот ден посветен на лицата со Даунов синдром.

Секоја година, конференцијата е на различна тема, а оваа година темата на која ќе се обратат сите говорници е инклузијата.

Александар ќе даде акцент на неговата лична приказна. Преку примери за неговата редовна вклученост во образовниот систем, социјалната интеграција, поддршката од институциите и околината, Александар ќе се обиде да покаже и истакне дека токму овие елементи се најважни во развојот на децата, младите луѓе и можноста во иднина да бидат независни и самостојни возрасни. Александар на оваа конференција ќе оди во придружба на својата сестра Марија Матовска. Александар, како и целата фамилија Матовски, посебно истакнуваат благодарност до УНИЦЕФ Македонија, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ и Технолошко – металуршки факултет – Скопје, ЦИРКО и Семос – Скопје, Метал терм и Еуро левел Скопје за целокупната финансиска поддршка.

Александар Матовски е роден на 3 февруари 1991 во Скопје, Македонија, како второ дете во семејството Матовски. На 3 месеци му е дијагностициран Даунов синдром. За родителите на Цако ова било шок. Сепак, тие одлучиле дека ќе се борат за нивното дете. Од тогаш наваму тие тоа и го прават со голема поддршка од своите други две деца, поголемата ќерка Марија и помалиот син Бојан, како и своите блиски роднини и пријатели. Од многу рана возраст Цако работи со логопед, психолог, како и воспитувачките во редовната градинка во која бил вклучен од двеипол годишна возраст.

Во 1998 година тој започнува да оди во редовно основно училиште, токму во годината во која процесот на образовна инклузија беше инициран во Македонија.

Цако во 2006 година го продолжува своето образование во едно од редовните средни училишта во Скопје. Средното  училиште го завршува во 2010 година, и  истата година се запишува на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, со што станува првиот студент со Даунов синдром во Македонија.

Денес, Цако ги завршува студиите и е еден од најистакнатите борци за човекови права и правата на лицата со Даунов синдром. Тој е член на Извршниот одбор на Центарот за младински активизам „Крик“, кој работи со лица со попреченост и се фокусира на интеграција во општеството. Тој е исто така активен член на Трисомија 21 – Скопје и Центар за Даунов синдром Македонија. Цако беше практикант во НВО „Моја кариера“ во периодот декември 2015 – февруари 2016 година, каде што работеше на мапирање на сите лица со попреченост во Македонија.

Тој има учествувано во голем број на проекти посветени на лицата со посебни потреби на локално ниво: „Activate talks“, во организација на УНИЦЕФ и Младинскиот образовен форум, „Инклузивен танцов фестивал“, во организација на Tрисомија 21 и Dancers Unted MK, „Бал на различности“ и многу други.

На меѓународно ниво, тој беше дел од Европскиот волонтерски сервис (ЕВС) во „Олде Вехте Фондацијата“ во Омен, Холандија во периодот јули – август 2013 година. Во септември 2013 година Цако беше претставник на УНИЦЕФ на работната средба за развој на пост – 2015 агенда за лица со инвалидитет, во Истанбул, Турција. Во март 2014 година, по повод Меѓународниот ден на лицата со Даун синдром, Цако ја претстави својата работа во Бања Лука, Босна и Херцеговина. Во ноември 2015 година, Цако беше дел од младинска  размена посветена на вклучување на лицата со попреченост „You will never walk alone“ што се одржа во Мерсин, Турција.

Во моментов, еден од најважните лични проекти на Цако е „Јас сум Цако“, авторска радио емисија, која се емитува секоја претпоследна среда во месецот на интернет радиото „Радио МОФ“. Во неговата емисија Цако става акцент на различни аспекти на животот на лицата со Даунов синдром и на лицата со попреченост во целина. Интересите на Цако вклучуваат:  пишување поезија (тој има објавено две збирки поезија), танц (во Dancers United MK), фотографирање и карате (тој има кафен појас). Добитник е на многу признанија, сертификати и награди за својата работа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП