5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСкопје под посебен сообраќаен режим поради посетата на кардинал од Ватикан

Скопје под посебен сообраќаен режим поради посетата на кардинал од Ватикан

soobrakaj-skopje

Државниот секретар на Ватикан, кардинал Пјетро Паролин, од денеска престојува во дводневна официјална посета на Македонија.

Од сообраќајната полиција информираат дека од вчера во официјална посета на Република Македонија престојува кардиналот Пјетро Паролин, државен секретар при Светиот престол. За време на движењето на колоната возила под придружба по сообраќајниците низ градот, ќе биде воспоставен посебен режим на сообраќај што подразбира апсолутен приоритет на минување низ сите сообраќајници.

Од сообраќајната полиција апелираат до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ќе бидат давани од страна на полициските службеници и да бидат внимателни и трпеливи, а веднаш по поминување на колоната под придружба од нивна страна ќе бидат преземени мерки за целосно нормализирање на сообраќајот.

Кардиналот Паролин ќе биде гостин на бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов во Скопската бискупија, а ќе се сретне и со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев и други државни претставници.

Ќе присуствува на свечен благослов и инаугурација на новата бискупска резиденција со присуство на верските поглавари, цивилните власти и дипломатскиот кор, по што во скопската катедрала „Пресвето срце Исусово“ ќе има средба со свештениците, монашките заедници и богословите и ќе предводи Служба на Словото.

Кардиналот вечер ќе го предводи свеченото Евхаристиско славење во повечерието на празникот Свети Јосиф. По литургиското славење е предвидена промоција на книгата на папата Фрањо „Божјото име е милосрдие“ која е преведена на македонски јазик.

Во сабота, кардиналот Паролин ќе ја посети Спомен куќата на Мајка Тереза, археолошкото наоѓалиште Стоби, привремениот транзитен центар за мигранти „Винојуг“ и парохиската црква „Свети Петар и Павле“ во Гевгелија, како и катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП