26 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОтворен Центар за ран детски развој во кумановската приградска населба Иго Тричковиќ

Отворен Центар за ран детски развој во кумановската приградска населба Иго Тричковиќ

detski-razvoj

Центар за ран детски развој беше отворен во рамките на иницијативата „Првите пет се најважни на свет“, при што околу 60 деца на возраст од 3 до 6 години од приградската населба Иго Тричковиќ во Куманово ќе имаат можност да посетуваат квалитетна предучилишна програма.

Со свечено сечење лента центарот официјално го отворија Фросина Тасевска Ременски, министер за труд и социјална политика, Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово и Ража Мсефер Берада заменик претставничка на УНИЦЕФ.

“Министерството за труд и социјална политика е посветено на поддршка за проширување на можностите децата да посетуваат квалитетна предучилишна програма. Подготвени сме да ги помогнеме локалните иницијативи за отворање нови центри за да се поттикне креативноста и способностите на децата како воведна фаза во образованието“, рече Тасевска Ременски.

“Благодарение на соработката со УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком Македонија создадовме услови децата на возраст од 3 до 6 години од оваа брзо растечка населба во Куманово да посетуваат предучилишно образование. Планираме да отвориме уште вакви центри во други населби и села,” рече Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.

Освен што обезбеди простории во основното училиште „Христијан Карпош“ Општината исто така ги покрива платите за две едукаторки и тековните трошоци на центарот, така што услугите се бесплатни за сите деца од населбата.

“Податоците покажуваат дека децата кои почнуваат со учење на помала возраст имаат подобар успех на училиште и подоцна имаат подобри можности во животот. Првите пет години од животот се единствена прилика за развој на децата и обликување на нивниот понатамошен живот”. рече Ража Мсефер Берада заменик претставничка на УНИЦЕФ.

Овој центар е единаесетти по ред што се отвора со донација од Фондацијата Телеком Македонија во рамките на иницијативата „Првите пет се најважни на свет’ . Другите десет центри се во Селце, Тетово; Јаргулица, Радовиш; Злеово, Радовиш; Десово, Долнени; Ратавица, Пробиштип; Центар Жупа, Центар Жупа; Дебереше, Гостивар; Шипковица, Тетово; Долно Лисиче, Аеродром и Радојца Новичиќ, Охрид.

Центрите за ран детски развој што се отворија како дел од ова партнерство се базираат на модел што беше тестиран од страна на УНИЦЕФ. Најдобро соодветствуваат на заедници кои не се во можност да имаат градинка како што се селските и маргинализираните заедници. Децата посетуваат организирана програма за учење неколку часа на ден, а родителите добиваат едукативни материјали кои им помагаат за подобра поддршка во учењето на децата дома. Програмата во центрите се раководи според Стандардите за рано учење и развој.

Во план е продолжување на соработката меѓу УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком Македонија за да им се помогне на општините да создадат услови повеќе деца од селските и маргинализираните средини да посетуваат квалитетна програма за ран детски развој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП