21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАДелегација на ССК на третиот Албанско - Македонски Бизнис и Инвестициски форум...

Делегација на ССК на третиот Албанско – Македонски Бизнис и Инвестициски форум во Тирана

delegacija-ssk

Делегација од Сојуз на стопански комори на Македонија присуствуваше на третиот Албанско – Македонски Бизнис и Инвестициски форум во Тирана, Албанија.

Целта на форумот, кој беше одржан во рамки на Економската мисија, беше креирање на конкретни можности за зголемување на деловната соработка и директно соочување со одредени проблематики кои влијаат на условите за водење бизнис помеѓу двете држави.

На форумот беа присутни Амбасадорот на Република Македонија во Република Албанија Стојан Карајанов, Амбасадорот на Република Албанија во Република Македонија Фатос Река, министерот на економски развој, туризам, трговија и претприемништво на Република Албанија Милва Економи, како и претседателите на Сојуз на стопански комори и индустрија на Албанија, Стопанска комора на Тирана, извршниот директор на Сојуз на стопански комори на Македонија, претседателот на Стопанска комора на Северо-Западна Македонија, и компании од Македонија и Албанија.

На настанот свое поздравно обраќање имаше извршниот директор на Сојуз на стопански комори на Македонија Митко Алексов.

На форумот, беа одржани директни Б2Б средби со компании членови на Сојуз на стопански комори и индустрија на Албанија и Стопанската комора на Тирана, во чиј фокус беше разгледување на можности за потенцијална идна соработка помеѓу компании од Македонија и компании од Албанија во различни сектори како што се: туризам, трговија и услуги, агробизнис, транспорт и логистика, производство, фармација, финансиски сектор како и производство на градежни материјали.

Во рамки на официјалната посета се остварија состаноци со премиерот на Албанија, Еди Рама, градоначалникот на Тирана Ерион Велиај, министрите за земјоделство, рурален развој и водни ресурси, економски развој, туризам, трговија и претприемништво, финансии, како и замениците министри за транспорт и инфраструктура и енергија и индустрија.
Исто така, беше одржана и средба со претседателот на Собранието на Албанија, Илир Мета.

На средбите се разговараше за конкретните предизвици кои влијаат на трговската размена помеѓу двете држави, како што е недостатокот на анализи и информации за бизнис климата и условите за инвестирање. Понатаму, беа дискутирани и можностите за унапредување на повеќе сектори кои ќе влијаат за зголемување на трговската размена помеѓу Македонија и Албанија како што е подобрување на производната технологија во земјоделството која ќе допринесе за зголемување на конкурентноста на земјоделството и прехранбените производи.

Дополнително, презентирани беа и можности за соработка во делот на енергетиката и рударството. Исто така, беше ставен акцент и на туризмот и усогласувањето на стандардите за категоризација на туристичките и угостителските капацитети во Македонија и Албанија, со оглед на сличноста на природните убавини во двете држави, а со цел подготовка на заедничка туристичка тура која ќе привлече туристи.

Економската мисија во Албанија се реализираше со поддршка на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на РМ и економскиот промотор за Албанија и Косово Фатос Мустафа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП