Десет натпревари се одиграа изминатата ноќ во НБА лигата. Кливленд без Леброн Џејмс го победи Далас, Џон Вол забележа „трипл дабл“, во победата на Вашингтон над Чикаго, Оклахома го декласираше Бостон, Голден Стејт лесно се справи со Њујорк, а Клиперси ја прекинаа лошата серија со убедливиот триумф во Хјустон.
Џон Вол забележа 29 поени, 10 скока и 12 асистенции и го предводеше Вашингтон до победа над Чикаго 117:96.
Кливленд и без Леброн Џејмс славеше над Далас 99:98. Кевин Лав оствари двоен ефект од 23 поени и 18 скокови, а Кајри Ирвинг постигна 33 поени во 48-та победа на Кливленд во тековната сезона.
Окалхома го декласираше Бостон 130:109. Играчите на Оклахома за три четвртини постигнаа 108 поени, а главните ѕвезди воопшто не влегуваа во игра во последниот период. Кевин Дурент со 28 поени, седум скока и девет асистенции беше најефикасен на теренот.
Стеф Кари постигна 34 поени, а Голден Стејт запиша рутинска победа над Њујорк 121:85. Голден Стејт има скор 61 победи и шест порази, а против Њујорк играчите на овој тим ја забележаа 50-та победа во низа на домашен терен.
Триото Деандре Џордан, Џеј Џеј Реди и Крис Пол блескаше против Хјусотн, во триумфот на Клиперси 122:106. Редик постигна 25 поени, Џордан имаше ефект од 23 поени и 16 скокови, а Пол заврши со 16 поени и 15 асистенции.
Резултати: Бостон-Оклахома 109:130, Шарлот-Орландо 107:99, Кливленд-Далас 99:98, Вашингтон-Чикаго 117:96, Детроит-Атланта 114:118, Мемфис-Минесота 108:114, Хјустон-ЛА Клиперс 106:122, Сакраменто-Њу Орлеанс 108:123, Голден Стејт-Њујорк 121:85