20 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШкола за иновации и претприемништво отворена во Делчево

Школа за иновации и претприемништво отворена во Делчево

skola 99333

Школа за иновации и претприемништво беше отворена во Делчево, во организација на Министерството за локална самоуправа и Источниот плански регион, а со поддршка на УНДП.

Заменикот министер Љупчо Пренџов истакна дека овој настан е резултат на заложбите на Министерството за проширување на функцијата на Центрите за развој на планските региони и интегрирање на бизнис секторот во политиката на рамномерен регионален развој.

„Развојот по дефиниција е комплексна категорија чиј успех зависи од повеќе фактори, меѓу кои и од инклузивниот пристап во утврдувањето на приоритетите и решавањето на проблемите. Резултатот ќе биде многу поголем доколку регионот успее да ја анимира целата заедница-јавниот, граѓанскиот, бизнис секторот, научната и експертската јавност. Со таа цел, Министерството за локална самоуправа, во соработка со УНДП, целосно застана зад формирањето на осумте Бизнис центри, кои што веќе ги реализираат своите активности со цел да понудат логистика на бизнис секторот во планскиот регион, особено на малите и на средните претпријатија, но и на потенцијалните инвеститори и бизниси“, рече заменикот министер Пренџов.

Тој додаде дека оваа година ќе бидат финансирани скоро 30 проекти за развој на регионите, во вкупна вредност од околу 200 милиони денари. Околу 80 милиони денари се обезбедени за проекти за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби, а со дополнителни средства ќе бидат поддржани функциите на Центрите или минимум 1 милион и 200 илјади денари за секој плански регион.

„Годинава буџетот за рамномерен регионален развој е дуплиран во однос на минатата година. Интензивирањето на активностите и резултатите се најдобар аргумент за дополнително зголемување во наредната година. Досега од страна на Центрите за развој, во планските региони се имплементирани над 400 проекти во вредност од над 10 милиони евра“, рече заменикот министер Пренџов кој најави дека е отпочната подготовката на Стратегии за иновации во осумте плански региони.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП