6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските берзи пораснаа, доларот и нафтата стабилни

Азиските берзи пораснаа, доларот и нафтата стабилни

berza azija

Денеска на азиските берзи беше забележан раст на цените на акциите, благодарејќи на растот на Волстрит кон крајот на минатата седмица и на надежите на вложувачите дека се запираат негативните трендови во кинеската економија.

На берзата во Токио индексот Nikkei во претпладневното тргување во понеделникот беше во плус од 1,6 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Австралија, Сингапур, Хонгконг и Шангај пораснаа меѓу 0,2 и 2,5 отсто. Благодарејќи на тоа, индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше во добивка од 1 процент.

Азиските вложувачи беа охрабрени од скокот на акциите на њујоршки Волстрит во петокот за повеќе од 1,3 отсто, благодарејќи на закрепнувањето на цените на нафтата и поттикнувачките мерки од Европската централна банка (ECB), кои би требало да го подржат растот на економиите во еврозоната и да ја сузбијат дефлаторната закана.

Позитивно на пазарите влијае и стабилноста на цените на нафтата. Откако минатата седмица скокна за 4 отсто, во понеделникот во претпладневното тргување цената на барелот на лондонскиот пазар зајакна за 0,2 отсто, на 40,46 долари. Но на американскиот пазар цената на „црното злато“ се лизна за 0,3 отсто, на 38,39 долари, откако минатата седмица скокна за 7 отсто.

Инвеститорите беа охрабрени и од не толку лошите показатели од кинеската економија. Во една рака, новите податоци покажуваат дека индустриското производство првите два месеца од годинава пораснало со најбавното темпо од 2008 година, додека прометот во малопродажбата пораснал по најниското ниво од мај минатата година.

Меѓутоа, инвестициите во фиксниот капитал, кои се главни придвижувачи на економијата, пораснале во првите два месеца од оваа година за 10,2 отсто во однос на истиот период минатата година. Тоа ги ублажи стравувањата на инвеститорите од преостро забавување на растот на втората според обемот светска економија, па цените на акциите во Шангај во понеделникот скокнаа за 2,5 отсто, откако минатата седмица потонаа за 2 процента.

На валутните пазари, пак, во понеделникот е мирно, па курсевите на најзначајните валути до пладнето се движат во рамките на вредностите од крајот на минатата седмица.

Курсот на еврото во однос на американската валута се движи околу 1,1160 долари, додека во петокот на затворањето изнесуваше 1,1155 долари. Цената на американката во однос на јапонската валута, пак, се движи околу 113,75 јени, додека во петокот изнесуваше 113,80 јени.

На девизните меѓународни пазари владее претпазливост бидејќи следните денови седници ќе одржат челниците на централните банки на САД и на Јапонија. Пазарите не очекуваат никакви промени во монетарните политики на двете банки, но внимателно ќе ги следат пораките на нивните челници по седниците.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП