3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПовисоки температури, пониски сметки – колку ќе заштедиме од раната пролет?

Повисоки температури, пониски сметки – колку ќе заштедиме од раната пролет?

struja

Просечната температура во последните три месеца е 3 до 4 степени над вообичаената за овој период од годината. Ова е доволна разлика за да се одрази на сметките за греење велат енергетските експерти според кои сите ќе заштедат, но најголем ќар ќе имаат оние кои користат клима уреди со инвертер.

Најисплатливи клима уредите со инвертер

Најголеми заштеди имаат оние кои се греат на струја или 370.000 домаќинства, но крајниот позитивен биланс зависи пред се од системот за греење. Од ЕВН потврдуваат дека потрошувачката на енергија во февруари била помала, особено во последните две недели.

„Наједноставно е инсталирањето на клима уреди со инвертори, во зима работат како топлотна пумпа, технологијата е толку унапредена што има фактор на трансформација од 4 или 5. Тоа значи дека за 1 kWh електрична енергија се добиваат 4 или 5 kWh топлинска енергија. Кај греалките за 1 kWh електрична енергија се добива 1 kWh топлинска енергија“, објаснува професорот Ристо Цицонков.

Ефикасните клима уреди при повисоки температури работат со минимален капацитет, па со тоа и потрошувачката на струја е минимална.

„Оние што имаат клима уреди со инвертор, стручно наречени топлотни пумпи воздух – воздух, штедат најмногу. Системот работи автоматски, се одредува температурата на 20 или 21 степен и се вклучува само по потреба или пак работи само со мал дел од капацитетот, во вакви временски услови со 10 или 20 проценти. Тука е максимална заштедата“, вели Цицонков.

Професорот кој има објавено над 150 научни трудови од областа на ладилната техника, климатизацијата и топлинските пумпи и чиј главен научен фокус се токму ваквите системи вели дека тој лично користи централен клима уред и дека тоа е најдоброто и најефикасното решение. Првичната инвестиција брзо се враќала.

„Јас лично користам топлотна пумпа воздух – воздух со инвертор, но и со централен систем. Во овој период системот кој е автоматски ми се вклучува само еднаш до два пати на ден, рано наутро и доцна навечер и тоа само со капацитет од 10 до 20 проценти, можам да кажам дека навистина штедам многу“, објаснува професорот Цицонков.

Со дрвата може да се згреши „математиката“

Потоплото време значи и помала потреба за ложење на каминот и ќумбето, но овде може да се згреши во процената, велат експертите. Во Македонија околу 150.000 домаќинства го користат дрвото како основен енергенс.

„Таму нема автоматика, самите треба да одредите колку дрва ќе наложите, па може да се направи погрешна проценка – наутро да се стават многу дрва а потоа денот да биде топол, па температурата во собата да биде и превисока. Тука се груби пресметките, па не се штеди толку“, објаснува професорот Цицонков.

Помали сметки за парно? Останува да се види!

Граѓаните кои се приклучени на централно греење, околу 50.000 домаќинства, засега не можат да ги уживаат бенефитите од потоплото време. Нивните сметки засега се исти, но се очекуваат порамнувачкисо понизок износ веќе од следниот месец.

„Оние кои се приклучени на топлификација секако трошат помалку енергија. Но, овде крајните сметки зависат од повеќе фактори. Системот е гломазен, се вклучува уште рано наутро за топлината да биде дистрибуирана до домовите. Самите корисници не секогаш имаат термостати и регулаторни вентили. Сепак, во крајна линија се зависи од регулаторот и од снабдувачот“, објаснува Цицонков.

Аналитичарите сметаат и дека повисоките температури комбинирани со пониските цени на гасот и нафтата треба да бидат сигнал за Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) да направи надолна корекција на цените на парното за наредната сезона.

ДЗС: Македонците греат само 45% од домот

Најлесен начин за штедење – загревајте само една соба. Ова, за жал го практикуваат најголем дел од Македонците. Во просек се топли само 45% од површината на домот, а останатите 55% остануваат студени, покажуваат анализите на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според овие податоци 61.59% од домаќинствата користат огревно дрво, 28.60% електрична енергија, 8.33% се приклучени на централно парно, а останатите 1.48% употребуваат нафта, јаглен или гас.

Оние кои користат струја, најчесто имаат енергетски неефикасни грејни тела – една третина обични греалки, една третина термо печки, 15% панелки и 15% клима уреди. Само еден од пет климатизери е со инвертор.

Едноставни совети за намалување на сметките за греење

Загревањето само на една до две соби е можеби ефикасен начин на штедење, но со тоа се намалува квалитетот на живот. Експертите по енергетска ефикасност даваат други совети со кои можат да се скастрат сметките. Пониска температура за 1 степен, помала сметка до 10%. Ова е основниот метод за намалување на трошоците за греење. Со поставување на термостат на системот кој во просторијата ќе одржува 20 наместо стандардните 23 степени заштедите се значителни.

Дополнителните совети кои лесно можат да се применат и не чинат многу, а кои експертите за енергетска ефикасност ги даваат се:

  • навечер или кога нема никој дома системот да не се исклучува туку да се намалува температурата на 15 до 18 степени,
  • ако се користат радијатори да се постави алуминиумска фолија меѓу нив и ѕидот за да се рефлектира топлината,
  • проветрувањето да се прави само преку ден кога е најтопло, навечер собите да бидат затворени, како и вратите од ходниците, плакарите и помошните простории кои не се греат,
  • котлите на нафта гас и дрва редовно да се чистат – најмалку еднаш годишно,
  • електричните греалки да се вклучуваат директно во штекер, а не на продолжен кабел,
  • пополнете го просторот меѓу ѕидот и прозорецот со силикон. Така ќе престанете топлиот воздух да излегува надвор,
  • ако е сончево, потргнете ги завесите. Сонцето ќе ви обезбеди многу природна топлина во студените денови. Вратете ги завесите кога ќе се скрие сонцето,
  • поставете теписи, по можност со подолги реси, врз дрвените подови и плочките. Тие ќе ја стопираат апсорпција на топлината од подот,
  • оставајте ја вратата отворена додека се туширате. Така ќе можете да ги искористат предностите на топлиот воздух кој доаѓа од топлата вода, и во други делови од домот, не само во бањата,
  • кога ќе завршите со печењето, оставете ја вратата на рерната отворена за топлиот воздух да се разнесе низ целата кујна.


Сметката во крајна линија зависи од изолацијата на домот

Сепак, за вистинска заштеда потребни се инвестиции во самата куќа или стан – подобра изолација значи помала сметка.

„Сметката во крајна линија најмногу зависи од топлотната изолација. Оние што имаат солидно изградени објекти во секој случај штедат, во вакви временски услови дури и нема потреба од вклучување на системите за греење преку ден, само рано наутро и доцна навечер. Ставање на топлинска изолација и прозорци е мерка која бара најголемо вложување, но е и најисплатлива. Не се исплатува за една или две години, потребни се седум или осум, во зависност од тоа каков бил објектот“ вели професорот Ристо Цицонков кој е експерт за енергетика и за системи за греење и ладење.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП