На повеќето азиски берзи во четвртокот цените на акциите пораснаа, бидејќи вложувачите се охрабрени од најавите за попуштањето на монетарните политики на низа централни банки.
На Токиската берза индексот Nikkei беше во плус од 1,3 отсто, додека цените на акциите во Хонгконг и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,6 и 0,8 отсто. Берзанските индекси во Австралија, Сингапур и Шангај, пак, се лизнаа меѓу 0,1 и 0,8 проценти. Така MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во четвртокот во претпладневното тргување беше во плус од 0,3 отсто.
Позитивно на пазарите влијаеше растот на цените на нафтата, кои зајакнаа во средата откако беше објавено дека резервите од горива во САД минатата седмица остро паднале, што ги зајакна надежите на инвеститорите во јакнење на побарувачката. Покрај тоа, цените се поткрепени и од шпекулациите дека некои до најголемите производители ќе го замрзнат производството на нафтата. Откако во средата цената на нафтата на американскиот пазар скокна за 5 отсто, во четвртокот претпладнето стабилно се движи околу 38,20 долари по барел.
Позитивно на пазарите влијае и неочекуваната одлука на централната банка на Нов Зеланд за намалувањето на клучните каматни стапки на рекордно ниските 2,25 отсто, бидејќи, како што порачаа од банката, слабостите во Кина претставуваат ризик за економските изгледи и движењето на инфлацијата во Нов Зеланд.
Забавувањето на растот на кинеската економија, најголемиот светски потрошувач на сировини, предизвика последните месеци пад на цените на сировините, што ги зголеми дефлаторните притисоци. А бидејќи поради тоа забавува и растот на глобалната економија, во последно време низа централни банки, меѓу другите и јапонската, ги олабавија монетарните политики. Тоа се очекува и во четвртокот и од Европската централна банка (ECB) поради слабостите на економиите во еврозоната и дефлациските закани.
Попуштањето на монетарните политики вообичаено позитивно влијае врз пазарите на акциите, но постои опасност пазарот веќе да ги вградил во цените на акциите потезите на ECB можеби дури и поагресивни мерки отколку што централната банка е подготвена да преземе. Таквото сценарио се случи во декември, кога ECB не воведе толку агресивни поттикнувачки мерки како што очекуваа инвеститорите, па по тоа ените на акциите на светските берзи паднаа, а курсот на еврото растеше.
Во секој случај, на валутните пазари владее претпазливост пред седницата на челниците на ECB. Курсот на еврото кон американската валута во четвртокот утрото се движи околу 1,0975 долари, како и во средата во истиот дел од тргувањето. Американската валута, пак, зајакна во однос на јапонската, па цената на доларот порасна на 113,60 јени, додека вчера изнесуваше 112,60 јени.