Со намалувањето на невработеноста за нови 0,9 отсто во последното тримесечје од минатата година , и достигнатите 24,6 отсто, достигната е рекордна историски најниска стапка на невработеноста во Македонија, оцени во средата челникот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Кичево, Груевски посочи на податоците на Државниот завод за статистика, според коишто невработеноста од 25,5 отсто ланскиот септември забележала намалување за 0,9 отсто и во последниот квартал од 2015 годината изнесувала 24,6 отсто.
Груевски посочи дека ваквото намалувањето на невработеноста во земјата е резултат на вложениот труд на надлежните институции преку отворањето на нови работни места и спроведувањето на низа мерки.
„Правиме максимални напори да донесеме инвеститори, да вложуваат и да отвораат нови работни места, како и да им овозможиме одлични услови за правење бизнис. Работејќи го тоа станавме шеста држава во Европа според добрите услови за водење бизнис и дванаестта во светот според рангирањето на Светската банка“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ..
Груевски ги посочи и активностите за помош на домашните компании преку обезбедување евтини кредитни линии како и секојдневните комуникации со бизнисмените преку нивните комори за решавање на евентуалните проблеми и одговор на нивните потреби. Според него, влиајние во созбивањето на невработеноста се прави и преку мерките што ги спроведува Агенцијата за вработување, како што се проектот за самовработување и други мерки со кои се помага да се отворат нови работни места.
„Сите напори од државните институции кои претежно се дел од нашата претходна Програма, доведоа до оваа состојба да имаме историски најниско ниво на невработеност, односно 24,6 отсто. Свесни сме дека тоа сé уште е високо ниво на невработеност и ќе продолжиме да работиме на нејзиното намалување“ рече Груевски.
Оцени дека институциите се на добар пат да ја остварат проекцијата од 2014 година, според којашто до 2018 година невработеноста ќе се намали на 22 отсто.