3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПочна со работа американската КСС во Кичево

Почна со работа американската КСС во Кичево

rab kss 33

Во Технолошко-индустриската зона во Кичево, денеска со пригодна свеченост беше одбележан почетокот со работа на фабриката за производство на воздушни перничиња за светски марки на автомобили, инвестиција на американската компанија „Ки Сејфти Системс“.

Оваа странска инвестиција е уште една потврда за успешноста на реформите за подобрување на деловната клима и поволностите за деловните субјекти, бидејќи набрзо по потврдата на инвестицијата во Македонија, започна со реализација на својот бизнис план. Најпрво во браунфилд објект во центарот на Кичево, со почетна инвестиција од 15 милиони евра, каде започнаа и првите вработувања, а паралелно со браунфилд инвестицијата се градеше и производствениот погон со површина од 13.600 метри квадратни во ТИРЗ Кичево.

„Присуството на американската компанија КСС е значајно како за локалната, така и за нашата економија во целост, бидејќи станува збор за сериозна компанија со светско реноме, со 34 фабрики во 12 земји, со проектиран извоз околу 70 милиони евра, со што ќе се вброи во  фабриките на странските инвестиции кои произведуваат 36 отсто од вкупниот македонски извоз. Покрај ова, бројот на вработени постојано се зголемува, па од 72 лица, колку што беа на почетокот, во браунфилд објектот, бројот се зголеми на 230 лица и треба да достигне до 1000 работни места во наредниов период, според бизнис планот на овој реномиран инвеститор. Само би потсетил дека лани влезот на странските инвестиции во Македонија резултираше со нови 6.700 вработувања“, рече министерот за економија Беким Незири.

Раководството на компанијата најави дека со овие вработени ќе произведуваат приближно три милиони парчиња оваа година, односно шест милиони во 2017 година.

„За нашите производи од витално значење е непрекинато да се исполнуваат највисоките стандарди за квалитет и ќе ја вклучиме македонската фабрика во развојот на вакви производи. Со официјалното отворање на нашиот нов погон, КСС прави голем чекор кон подобрување на конкурентноста. Производите што ги произведуваме се едни од двете клучни компоненти што се користат за производство на воздушни перничиња. Овие компоненти досега беа купувани од сестринските компании или од надворешни добавувачи од кои најголем дел имаат свои фабрики на другите континенти“, рече претставникот на КСС, Рауф Гаспари.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека отворањето на производствениот капацитет на КСС во Македонија е уште една потврда дека резултираат напорите на Владата да стане дестинација за голем број странски инвеститори.

„Со оглед на тоа дека производството на компаниите што инвестираат во зоните е наменето за извоз тоа го помага директно македонскиот извоз кој во минатата година достигна рекордно ниво од над 4 милијарди евра, од кои 1,5 милијарди евра е извоз од компаниите што произведуваат во слободните економски зони“, рече Ставрески.

Додаде дека воедно во 2015 година производството на моторни возила е зголемено за 37 проценти во однос на 2014, што претставува највисок раст во споредба со останатите гранки што го сочинуваат индустриското производство.

Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо рече дека фабриката на КСС, која е прв производствен погон во зоната во Кичево и поголема инвестиција во тој регион, покрај најавените илјада директни вработувања, ќе придонесе и за индиректни вработувања, за развој на регионот, примена на нови технологии и за подобрување на трговската размена на државава во странство.

„Во погонот во Кичево ќе произведува воздушни перничиња, а првото производство од Македонија ќе биде наменето за реномирани производители на автомобили како ’Шкода’, ’Фолксваген’, ’Тојота’, БМВ, ’Порше’, ’Јагуар’“, рече Мизо.

На пуштањето во употреба на фабриката на КСС присуствуваа и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и неколку пратеници.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП