21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦената останува стабилна, зголемена понудата на нови станови, но и зголемен бројот...

Цената останува стабилна, зголемена понудата на нови станови, но и зголемен бројот на продажби

stanovi2 2

Зголемена понуда на станови за 9 отсто, зголемена продажба на станови за 10 отсто, интензивирана изградба на нови канцелариски објекти, и натамошно зголемување на хотелските капацитети се дел од заклучоците на Анализата за пазарот на недвижности на консултaнтската компанија за недвижности Фортон, која се однесува за периодот од 01.07.2015г, заклучно со 31.12.2015 година.

„Податоците со кои се споредува претходното полугодие (01.01.2015-30.06.2015) покажуваат продолжување на претходно регистрираните трендови на пазарот на станови. Резиденцијалниот пазар бележи зголемување на бројот на реализирани продажби за 10% споредено со првата половина од 2015 година. Просечните пазарни цени остануваат стабилни на нето 979 евра за еден метар квадратен (просек за сите општини на територијата на град Скопје)“.

Интересот за купување на станови очекуваме да продолжи да расте и во идниот период ако се има предвид бројот на реализираните трансакции во последните 18 месеци. Анализирајки ги најновите движења на пазарот, цените со најголема веројатност до сега ке останат стабилни во 2016 год, со оглед на трендовите на каматните стапки на депозитите како и движењата на приносите на другите облици на инвестирање како разни хартии од вредност. Најновите податоци објавени од страна на Државниот Завод за Статистика покажуваат дека во 2015 година во Скопје се издадени 947 одобренија за градба или 3667 нови станови во Скопје во наредниот период, и според досегашното искуство не се очекува 100% реализација на сите одобрениjа на градба во разумен рок за изградба. Со оглед на бројот на реализирани трансакции (купопродажби на пазарот во Скопје на годишно ниво), ни дава за право да веруваме во стабилен резиденцијален пазар во 2016 год.

Анализата на Фортон покажува дека пазарот на деловен простор на име издадена површина, иако имаше забавена динамика во втората половина од годината, но на годишно ниво е за 13,3 отсто повисока во однос на 2014 година. Со ова продолжува трендот на намалување на слободниот простор за издавање набизнис центрите од класа „А”. За изнајмување на деловен простор биле заинтересирани најмногу компаниите од Телеком, ИТ и аутсорсинг индустриите. Цените во овој сегмент останаа стабилни, закупнините за бизнис центрите на примарни локации се движат од нето 11 до 15 евра за еден метар квадратен.

Според Фортон, се очекува и зголемување на понудата на деловен простор во класа „А” сегментот. Во моментов има повеќе проекти во изградба кои ќе доведат до зголемување на понудата на канцелариски простор за дополнителни 32.400 м2 до крајот на 2017 година.

Закупнините за трговските центри останаа стабилни, примарните закупнини (висина на закупнините на најдобрите локации) останаа на ниво од просек 39 евра за еден метар квадратен. Примарните закупнини во главните пешачки зони останаа стабилни во распон од 26-30 евра за еден метар квадратен.

Генерално, нема значајни промени во миксот на закупци кај трговските центри. Слободниот простор бележи благ пораст пред се како резултат на зголемениот слободен простор во ГТЦ, што делумно беше компензиран со зголемената исполнетост на Ramstore Mall и Capitol Mall.

„Најактивни на пазарот на малопродажен простор остануваат супермаркетите, малопродажните модни и спортски брендови како и аптеките кои имаа најголема експанзија на новозакупен простор”, додаде Богоевски.

Нова понуда на модерен малопродажен простор се очекува во 2017 година, со најавените отворања на Emporio Mall и Cevahir Sky City Mall во Скопје. Доколку економските движења продолжат да се движат во позитивна насока со понатамошно зголемување на странските директни инвестиции и понатамошен пад на невработеноста, се очекува зголемување на интересот за пазарот на малопродажен простор.

Во сегментот на хотели, започна со работа Опера Хаус Хотел со што понудата на хотели од висока категорија, хотели со 4 и 5 ѕвезди, во Скопје се зголеми на 860 хотелски соби. На пазарот не беа регистрирани капитални трансакции кои ќе предизвикаат промена во сопственичката структура на поголемите хотели. Просечното ниво на исполнетост на хотелите е зголемено на 50,5 отсто.

На пазарот на хотели не се очекуваат значајни промени се до отворањето на луксузниот хотел Marriott со 169 соби. Овој проекти ќе ја зголеми пазарната понуда во 2016 година, а со тоа и конкуренцијата во овој пазарен сегмент.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП