11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСоцијалното претприемаштво кај младите може да се развива преку занаетите

Социјалното претприемаштво кај младите може да се развива преку занаетите

zanaeti

Поголема афирмација и популаризација на занаетите и креирање на модели за нивна оддржливост е главната тема на денешната Конференција за поддршка на традиционалните занаети и социо-економските потенцијали во општините Чаир и Гнилане, што се одржува во Скопје.

Главен фокус на конференцијата се занаетите и нивното значење во современото општество и нивниот потенцијал во насока на развој на социјално претприемништво.

Во рамките на конференцијата беше потенцирано значењето на Старата скопска чаршија како јадро на занаетчиската традиција, а истовремено беше ставен и акцент на важноста од креирање на модели кои ќе овозможат поголема популаризација на занаетите и современо брендирање на содржините што ги нуди Чаршијата.

На конференцијата беа презентирани потенцијалите и тековните проекти за развој на традиционалните занаети во Старата Чаршија, како и искуствата од неколку успешни приказни од чаршијата. Во овој дел од конференцијата учествуваа претставник на златарницата „Џељо“, Пане Темов, сопственик на неколку локали меѓу кои и познатата пивница „Стар град“, претставник на „Пела Антик“, занаетчиски дуќан кој изработува сувенири за туристите и модниот креатор со интернационално искуство, Изет Цури.

Конференцијата е во рамки на проектот за валоризација на традиционалните занаети и социјално економските потенцијали на општините Чаир и Гнилане, како дел од Програмата на Европската Унија за меѓугранична соработка меѓу Македонија и Косово.

„Старата скопска чаршија е срцето на општината Чаир и нејзиниот највитален дел и од економски и од духовен аспект. Тука се создаваат најважните економски активности во општината и што е уште поважно се пренесува на идните генерации една вековна традиција. Затоа поддршката на занаетите и поттикнувањето на младите да се занимаваат со одредени занаети останува наш приоритет“, истакна градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.

Во рамките на овој проект општината Чаир подели 20 грантови по 2.000 евра поединечно, неповратни средства, за реновирање на фасадите и излозите.

Поддршка на занаетите како традиционален симбол на претприемачкиот дух на овие простори е и еден од приоритетите на Министерството за економија на Р. Македонија.

„Развојот на претприемачкиот дух особено кај младите е исклучително важен двигател во развојот на националната економија. Токму кај занаетчиите овој претприемачки дух е жив и ние преку разни програми даваме конкретна поддршка за нивен натамошен развој. Ги повикувам младите што повеќе да размислуваат за потенцијалот на занаетите и да се охрабрат и да почнат свој бизнис“, истакна Беким Незири, министер за економија на Р. Македонија.

Проектот за поддршка на занаетите е поддржан од Европската унија во насока на поголема меѓугранична соработка. На конференцијата присуствуваше и претставник на делегацијата на Европската унија од Скопје, Јаромир Левицек и заменик – градоначалникот на Гнилане, Реџеп Кадриу.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП