2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАFitch ја намали проекцијата за раст на глобалната економија

Fitch ја намали проекцијата за раст на глобалната економија

pad-ekonomija-fitch

Американската агенција за кредитен рејтинг Fitch ја намали проекцијата за раст на глобалната економија. Светскиот бруто домашен производ (БДП) ќе порасне за 2,5 проценти во 2016 година.

Тоа е пониска стапка на раст во однос на прогнозираните 2,9 проценти од декември, пренесува британскиот весник Фајненшл тајмс.

На ваквите проекции на „Fitch“ влијаеше забавувањето на инвестициите во Кина, како и буџетската криза во земјите-производители на нафта, кои продолжуваат да го нагризуваат растот на светската економија.

Проекцијата за економскиот раст за развиените држави во светот е намалена на 1,7 проценти од претходните 2,1 проценти, додека прогнозата за земјите во развој е намалена на раст од 4,0 проценти во однос на претходните 4,4 проценти.

Русија претрпе најголемо намалување на проектираниот раст, бидејќи наместо претходно предвидените 0,5 проценти сега се очекува пад на економијата од 1,5 проценти во 2016 година, а влошена е и проценката за Бразил, чиј БДП оваа година, како што смета „Fitch“, ќе падне за 3,5 проценти во однос на проектираниот пад од 2,5 проценти.

Проекцијата за раст на БДП на Кина е само благо намалување на 6,2 проценти од 6,3 проценти, наведува Фајненшл тајмс.

„Забавувањето на инвестициите во Кина и затегнувањето на буџетот во водечките држави-производители на нафта продолжува да одекнува ширум светската економија“, се наведува во извештајот на „Fitch“.

Американската агенција, сепак, укажа и на одредени позитивни аспекти, наведувајќи дека падот на цените на нафтата ќе помогне во поттикнувањето на личната потрошувачка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП