4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРокот за отпис на камати од долгови кон Фондот за ПИОМ истекува...

Рокот за отпис на камати од долгови кон Фондот за ПИОМ истекува на 31 мај

piom

Правните лица и договорните осигурници кои имаат долгови кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија по основ на неплатени придонеси до 2008 година, ќе можат да аплицираат за отпис на каматите до 31 мај годинава, и да ја платат само главницата на долгот до 31 ноември.

Доколку главницата на долгот до 2008 ја исплатат до ноември годинава, ќе можат да аплицираат за отпис на камата по основ на долг за неплатени придонеси по 2008 година, што е во надлежност на УЈП.

Директорот на Фондот за ПИОМ Беким Незири на денешната прес-конференција информираше дека заклучно со 2008 година Фондот има побарување од вкупно 25.619 обврзници, кои должат над 10 милијарди и 91 милион денари. Од вкупниот долг над 40 проценти е долг по основ на камата.

– Граѓаните за отпис на каматата ќе можат да аплицираат во Деловниците и Филијалите на Фондот за ПИОМ каде што се наоѓа седиштето на обврзникот, појасни Незири.

Од вкупниот број обврзници, 5.784 се договорни осигуреници како свештени лица, индивидуални земјоделци, трговци поединци, таксисти…, со вкупен долг од околу 1,3 милијарди денари, а останатите 19.835 се правни лица со долг од околу 8,8 милијарди денари. Од правните лица должници на Фондот има и јавни претпријатија.

Незири истакна дека е добро да се популаризира оваа мерка, чија реализација на иницијатива на Фондот е овозможена со закон, бидејќи, како што истакна, нејзина примарна цел е да се заштитат осигурениците, на кои не им биле плаќани придонеси, поради што кога треба да остварат право на пензија или не можат да го направат тоа поради недоволен стаж или пак им се пресметува помала пензија а ги имаат исполнето потребните години работен стаж.

– Работниците не по своја вина се соочуваат со проблем да остварат право на пензија некогаш и поради тоа што има недостигаат некогаш година, неколку месеци или пак само еден месец стаж. Наша цел е да им се помогне на таквите осигуреници и еднаш за секогаш да се расчисти овој проблем, рече Незири.

Тој истакна дека доколку се случи некои правни субјекти да ги платат во целост своите долгови, на осигурениците кои веќе имаат остварено пензија Фондот на своја иницијатива ќе им направи нова пресметка за повисока пензија согласно дополнително уплатените придионеси.

За да ја популаризира мерката Фондот помош побара и од правни субјекти, од јавни претпријатија, но и од верските заедници, чии претставници присуствува на прес-конференцијата, со оглед на тоа што голем дел оџи и попови, кои самите треба да си ги плаќаат придонесите тоа не го направиле. Долг кон ПИОМ во висина од 86 милиони денари имаат оџите, а 69 милиони денари поповите.

Незири појасни дека доколку некој од должниците на Фондот е веќе тужен, тужбата ќе биде повлечена, како и дека нема да се дозволи бришење на неактивни фирми во Централниот регистар доколку тие имаат неподмирени обврски кон Фондот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП