19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските берзи пораснаа петти ден по ред, следени со раст на цената...

Азиските берзи пораснаа петти ден по ред, следени со раст на цената на нафтата

berzi 33

Денеска на азиските берзи цените на акциите пораснаа петти ден по ред, благодарејќи на забрзувањето на растот на американската економија и продолженото закрепнување на цените на нафтата и сировините.

На Токиската берза индексот Nikkei во претпладневното тргување беше во минус од 0,4 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Хонгконг, Шангај, Сингапур и Австралија, пораснаа меѓу 0,2 и 1,1 отсто. Благодарејќи на тоа, MSCI индексот на азиско-пацификите акции, без јапонските, беше во плус од 0,6 отсто, достигнувајќи го највисокото ниво во последните два месеца.

Азиските инвеститори беа охрабрени од подобрите од очекуваните показатели од американската економија. Во петокот беше објавено дека во февруари во САД бројот на вработените бил зголемен за 242.000, значително повеќе од очекуваните 190.000. Тоа укажува на забрзувањето на растот на најголемата светска економија, но без јакнење на инфлацијата, имајќи предвид дека податоците покажаа дека сатницата е намалена.

Оттаму, вложувачите се надеваат дека американската централна банка нема да брза со зголемувањето на клучните камати. Кога во декември Fed ги зголеми каматите првпат по 2006 година, сигнализираше дека годинава би можел да ги зголеми каматите уште во четири наврати.

Меѓутоа, поради забавувањето на глобалната економија, ниската инфлација и превирањата на финансиските пазари, аналитичарите и сега очекуваат зголемување на каматите само еднаш, а можеби и двапати до крајот на годинава. Притоа никој не очекува дека Fed ќе ги зголеми каматите веќе во март, можеби дури во јуни.

Позитивно на пазарите влијае и продолжувањето на растот на цените на нафтата. Откако минатата седмица скокна за околу 10 отсто, во понеделникот претпладнето цената на барелот на лондонскиот пазар порасна за дополнителни 2 процента, на 39,50 долари, највисокото ниво од половината на ланскиот декември.

Паралелно со цените на нафтата, растат и цените на другите сировини, па акциите во рударскиот и во енергетскиот сектор се меѓу најголемите добитници.

Пазарите ги поддржа и пораката на кинескиот премиер Ли Кечијан кој во саботата, претставувајќи го петгодишниот план на седница на парламентот, изјави дека се очекува просечен раст на кинеската економија меѓу 6,7 и 7 отсто. Порача, исто така, дека буџетскиот дефицит оваа година ќе порасне од 2,3 на 3 отсто од бруто домашниот производ (БДП). Кинеските инвеститори не очекуваа големи финансиски поттикнувачки мерки, па затоа и не се разочарани со овие пораки.

А на валутните пазари американскиот долар благо порасни по остриот пад во петокот, кога податоците покажаа дека нема причина за загриженост во врска со јакнењето на инфлацијата, поради што се намалени стравувањата од скоро зголемување на каматите во САД:

Така, во понеделникот претпладнето индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на шесте најважни светски валути од најголемите трговски партнери на САД, порасна на 97,35 поени, додека во петокот потона на најниското ниво во последните две седмици на 97,01 поен.

Притоа курсот на американската валута во однос на јапонската порасна од 113,75 јени, колку што изнесуваше во петокот на затворањето од тргувањето, на 113,85 јени. Доларот зајакна и во однос на европската валута, па цената на еврото се лизна на 1.0990 долари, додека во петокот изнесуваше 1,1005 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП