10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Битола презентирани податоците од следењето на загадувањето на воздухот

Во Битола презентирани податоците од следењето на загадувањето на воздухот

zagaduvanje

Акредитираната лабораторија која во изминатиот период вршеше мерење на квалитетот на воздухот во Битола, во четвртокот ја одржа втората презентација на добиените резултати, која покажа дека од мониторираните 14 дена, првите три дена формално не е надмината законски пропишаната максимално дозволена концентрација на ПМ 10 честичките, додека наредните 11 дена од мониторингот, концентрацијата на ПМ 10 честичките ја надминува МДК со достигнување на максимални вредности на 10-тиот и 13 тиот ден од мониторингот.

Станува збор за карактеристична појава за зимскиот период, особено на населени места над кои се издигнуваат високи планински масиви, а дополнителна причина претставуваат греењето и сообраќајот беше истакнато на презентацијата која се одржа во зградата на Општина Битола,.

„Врз основа на резултатите, можеме да заклучиме дека во зимскиот период имаме надминувања на бензоалфапиренот, што е очекувано за разлика од летниот период. Зголемувањето на бензоалфапиренот се должи на согорувањето на фосилните горива од домаќинствата и сообраќајот. Зимскиот период, е период во кој се очекува не само во Битола, туку на целата Земјина топка да имаме надминување на ПМ 10 честичките. Секое надминување е алармантно, но суштината е да се најде решението за да резултатите се доведат во нормалните граници“, појасни Сузана Темелкоска, управител на „Еуромак контрол“, друштво – акредитирана лабораторија која ги вршеше мерењата во градот Битола, а комплетната анализа беше направена во единствената акредитирана лабораторија во регионот во Црна Гора.

Според извршените анализи, најважните решенија за надминување на состојбата во моментот се однесуваат на решавање на проблемот со греењето во зимскиот период, како и намалување на сообраќајниот метеж. Општина Битола, во континуитет продолжува со реализација на веќе започнатите мерки за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух:

„Дишевме воздух каков што самите го создававме. Покрај климатските промени, греењето се покажа како најважниот фактор кој што придонесува за зголемување на ПМ 10 честичките. Ние сите години наназад преземаме низа на мерки. Покрај тоа што ги тргнавме семафорите од улиците, направивме кружни текови по улиците, сообраќајот непречено да се движи, изработуваме проект за велосипедски патеки, којшто оваа година сакаме максимално да го реализираме“, рече битолскиот градоначалник Владимир Талески.

Истакна дека има и низа мерки кои се однесуваат на најсуштинското прашање, односно затоплувањето. Телески посочи дека договор со Владата донесена е одлука за топлификација на Битола

„Сигурен сум дека следните неколку години тој ќе биде најзначаен проект. Изминатиот период извршивме масовно чистење на оџаците во сите јавни установи, а преку Јавното претпријатие ‘Комуналец’ оспособена е цистерна која во секој момент е подготвена да излезе на терен и да започне со прскање на улиците, но во согласност со посебните услови кои ги бара таквата активност“, додаде Талески.

Зголемувањето на концентрациите на бензоалфапиренот кој има канцерогено дејство, претставува опомена за внимание од страна на сите граѓани и нивното однесување кон природата. Останува препораката до сите граѓани за поголемо користење на јавниот превоз, како и внимателност со греењето и континуирана грижа за животната средина, беше заклучено на презентацијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП