Цената на нафтата денеска се задржа на светските берзи под ниво од 37 долари, сопрена од продолжениот тренд на таложење на резервите во САД кое ја засени инцијативата за ограничување на прекумерното снабдување.
На лондонската берза, цената на барелот остана речиси непроменета во однос на претходното затворање и изнесуваше 36,87 долари. Позначителни промени во цената во однос на претходното затворање немаше ниту на американскиот пазар, каде со барелот се тргува по 34,72 долари.
Нафтените пазари во четвртокот ги сопре скокот на американските резерви во минатата недела, за 10,4 милиони барели на ново рекордно ниво од 517,98 милиони барели, извести американската влада.
Со тоа вниманието повторно се насочува на проблемот со прекумерното снабдување кое дневно ја надминува побарувачката за еден до два милиони барели. Поради тоа цената на нафтата од средината на 2014 година падна за 70 отсто.
Податоците од САД покажуваат дека во декември производството се намали трет ден по ред, со оглед дека нафтените компании почнаа да попуштаат под притисок од остриот пад на цената. Намаленото производство и сигналите на финансиските проблеми кај производителите ги стабилизираа цените, кои во февруари почнаа да закрепнуваат.
Дополнително ги поттикна договорот на водечките производители, вклучително Русија и членките на OPEC, Саудиска Арабија, Венецуела и Катар, за ограничување на производството на јануарското ниво.
Аналитичарите засега се воздржани, помеѓу другото и затоа што производството веќе во јануари беше на рекордно ниво или барем близу до тоа. Затоа проценуваат дека договорот на водечките производители нема во значителна мера да ја ограничи прекумерната понуда.
„И натаму сме многу внимателни кога е во прашање можноста за раст на цените“, констатира Даниел Анг од брокерската куќа Phillip Futures.