Европската комисија (ЕК) во средата предложи доделување на 700 милиони евра за Грција и другите земји членки, во форма на хуманитарна помош за справување со бегалската криза, пренесуваат светските агенции.
Ваквиот предлог доаѓа по хаосот кој настана на грчко-македонската граница, каде илјадници мигранти се заглавени откако Австрија и балканските земји почнаа да го ограничуваат протокот на оние кои поминуваат низ нив.
Грција е меѓу земјите од ЕУ кои го почувствуваа притисокот од мигрантската криза, во која повеќе од еден милион мигранти и баратели на азил пристигнаа во Европа минатата година. Предупредувањата велат дека земјата наскоро ќе се соочи и со хуманитарна криза, пишува DPA.
„Веќе не можеме да губиме време и потребно е да ги употребиме сите средства за да спречиме хуманитарно страдање на нашите граници. Средствата ќе бидат дистрибуирани во текот на три години – 300 милиони евра за 2016-та година и 200 милиони евра за следните две”, изјавил еврокомесарот за хуманитарна помош и управување со кризи Христос Стилианидис.
Комисијата додала дека на „неколку земји членки“ им е потребна итна помош за да можат „на своите територии да згрижат голем број на мигранти“. Итната помош би можела да биде искористена за основните потреби, како на пример храна, засолниште и лекови, додале од ЕК.
Доколку планот на ЕК биде одобрен од земјите членки на ЕУ и од Европскиот парламент, тогаш ова ќе биде првото доделување на средства за хуманитарна помош, која е наменета за Унијата, а не за земји надвор од блокот.