22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАОтворена продавница без продавачи во Шведска

Отворена продавница без продавачи во Шведска

tel 333

Продавница во шведското градче Викен, работи 24 часа дневно, а во неа нема вработени ниту благајна, а целата купопродажба се одвива преку телефон.

Возејќи се на сред ноќ по улиците на Викен, барајќи отворена продавница за да купи храна за своето расплакано бебе (последната кашичка паднала и се скршила), IT стручњакот Роберт Илијасон дошол на идеја да отвори продавница во која ќе се продаваат најосновните работи 24 часа дневно и во која нема да има продавачи. Во неговиот мал град, исто како и во другите градови бројни мали продавници кои продавале основни намирници се затворени поради неисплатливост под налетот на големите трговски синџири и трговски центри. Па така, жителите на градчињата не можат да купат основни работи, само со симнување долу од зградата, туку мора да седнат во автомобил да возат повеќе километри за да пазарат.

Благодарение на неговата идеја, сега жителите на Викен, од минатиот месец може да ја посетат неговата продавница, отворена 24 часа, да напазарат, и да се вратат дома. Продавницата нема дополнителни трошоци за плати, бидејќи нема вработени, а единствено човек треба за да ги надополни празните рафтови, а тоа Роберт сам го прави.

Имено, потребно е да се симне апликацијата за продавницата, во која се внесуваат сите податоци за купувачот и бројот на нивните картички, а артиклите исто така ги препознава самата апликација. На крај на месецот, тие добиваат сметка за потрошеното.

Секако, се поставува прашањето за безбедноста, но Роберт вели дека крадците немаат интерес за неговата продавница, затоа што таму нема кеш пари, нема алкохол, цигари и лекови, туку само леб, млеко, храна за бебиња, пелени и слично, а секако, постојат и камери кои снимаат. Доколку вратата остане отворена подолго од осум секунди се вклучува аларм кај него, а тој бидејќи живее блиску оди до таму и доколку има потреба повикува полиција.

Најголем проблем со продавницата можеби имаат постарите кои не се многу искусни со новите технологии, па Илијасон размислува да вработи еден човек кој дневно би поминувал по неколку часа во продавницата за да им обајсни на сите како се користи апликацијата за купување.

Тој вели дека вакви продавници сака да отвори и во други градови, а се прашува како никој до сега не се сетил на ова.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП