22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАПад на индексите на Волстрит и покрај растот на цените на нафтата

Пад на индексите на Волстрит и покрај растот на цените на нафтата

Wall-Street1

На Волстрит во понеделникот берзанските индекси паднаа втор ден по ред, при што паднаа и цените на акциите во енергетскиот сектор, и покрај растот на цените на нафтата.

Индексот Dow Jones ослабе за 0,74 отсто, на 16.516 поени, додека индексот S&P 500 се лизна за 0,81 проценти, на 1.932 поени, а пак Nasdaq индексот се намали за 0,71 отсто, на 4.557 индексни поени.

На вредноста во понеделникот изгубија акциите во девет од десетте сектори на S&P 500 индексот, при што најмногу за 1,6 отсто падна здравствениот сектор. Со пад од 1,2 отсто следеше енергетскиот сектор, иако цените на нафтата на американскиот пазар пораснаа за 3 отсто.

Последните месеци движењето на цените на нафтата и акциите се во цврста корелација, па кога растат цените на нафтата, растат и акциите, додека индексите се под притисок кога цените на нафтата паѓаат.

Повеќето аналитичари веруваат дека цената на нафтата го достигнала дното, по понирањето во последните 20 месеци и откако падна на најниските нивоа во последните 12 години. Оттаму, се очекува закрепнување на цените, но само постапно бидејќи и натаму постои значителен јаз меѓу понудата и побарувачката.

Од друга страна, вложувачите сега повторно ги загрижува можноста од зголемување на каматите од страна на американската централна банка, бидејќи низата последни извештаи покажуваат дека ситуацијата во најголемата светска економија не е така лоша како што се мислеше. Постепено растат потрошувачката и инфлацијата, што повторно ги поттикна шпекулациите дека Fed сепак годинава ќе продолжи со зголемувањето на клучните камати.

Fed во декември првпат од 2006 година ги зголеми каматите и најави натамошно зголемување на цената на парите. Но, додека растот на економијата забавуваше, а инфлацијата беше ниска, на пазарите преовладуваше тезата дека американската централна банка ќе се откаже од тие планови, Сега, меѓутоа, повторно заживеаја тезите за зголемување на каматите до крајот на годинава.

На претпазливости на вложувачите укажува потпросечниот обем на тргувањето. На американските берзи сопствениците во понеделникот заменија 8 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во последните 20 дена изнесуваше 8,9 милијарди акции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП