2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПримената на мерки за енергетска ефикасност штеди пари

Примената на мерки за енергетска ефикасност штеди пари

energetska-efikasnost

Примената на мерки за енергетска ефикасност може да придонесе за значителни заштеди на финансиски средства и намалување на потрошувачката на енергија.

Ова беше истакнато во рамки на работилницата за претставување на резултатите од проектот на Светска банка „Промоција на енергетска ефикасност на општините во Македонија“, организирана од страна на Консалтинг за стратешки развој во соработка со  Агенцијата за енергетика на Република Македонија, којашто се одржа во Скопје.

Понатаму беше истакнато дека преку воведување мерки за енергетска ефикасност, општините можат да ги подобрат и да ги зголемат своите услуги.

„Заради тоа на воведувањето на енергетска ефикасност не треба да се гледа исклучиво како законска обврска, туку како можност за долгорочен економски и одржлив развој“, беше констатирано на работилницата.

Како пример беше посочен дел од општините во Македонија кои направија значаен исчекор во воведување на мерки за енергетска ефикасност.

„Како еден од најатрактивните сектори за имплементирање на овие мерки се покажа уличното осветлување, затоа што резултатите се најбрзо видливи и за граѓаните и за општинската каса. Заштедите во овој сектор се проценуваат на 15-30%, а некаде дури и до 50%, во зависност од обемот, типот и интензитетот на осветлување“.

Во изминатите 18 месеци, преку грант финансиран од Светска банка, осум општини во Република Македонија (Радовиш, Старо Нагоричане, Новаци, Кавадарци, Пехчево, Брвеница, Лозово и Росоман) добија техничка поддршка за изработка на различни документи кои се важни за енергетска ефикасност на општината (програми, акциски планови, предфизибилити студии итн.). Вредноста на грантот изнесува 250.000 долари, а техничката помош за општините е обезбедена од страна на консултантската куќа Еконолер. Резултатите на проектот ќе служат и како ресурс за другите општини кои сакаат да инвестираат во мерки за енергетска ефикасност во општинските сектори.

Според консултантите на проектот, примерите и урнеците од документите изработени во рамки на проектот им се од голема помош и важност на општините, за да можат полесно да предвидуваат мерки и проекти за енергетска ефикасност. Понатаму, преку своите примери, тие можат да бидат предводници во подобрувањето на енергетската ефикасност, давајќи им поттик и мотивирајќи ги приватниот сектор и другите засегнати страни да го следат примерот.

Во рамки на проектот подготвен е и прирачник кој чекор по чекор треба да ги води одговорните низ процесот на создавање ефикасна и остварлива програма за енергетска ефикасност и нејзина имплементација.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП