15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа азиските берзи инвеститорите внимателни, цените на нафтата пак во пад

На азиските берзи инвеститорите внимателни, цените на нафтата пак во пад

aziski-berzi

На азиските берзи во четвртокот претпладнето се тргува претпазливо, бидејќи цените на нафтата ги загубија сите добивки од средата, што ги обесхрабри вложувачите.

На Токиската берза индексот Nikkei во четвртокот претпладнето беше во плус од 1 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Јужна Кореја и Сингапур пораснаа меѓу 0,1 и 0,3 отсто. Меѓутоа, во Хонгконг и во Шангај берзанските индекси паднаа меѓу 1 и 3,4 проценти, па така MSCI индексот на азиско-пацифичките берзи без јапонските беше во минус од 0,2 отсто.

На самиот почеток од тргувањето во четвртокот индексот MSCI беше во плус, бидејќи во средата на Волстрит, по нестабилното тргување, цените на акциите благо пораснаа. Подемот на Волстрит следеше по вестите дека во САД изминатите седмици пораснала побарувачката на горивата, што ги поттикна цените на нафтата, а тоа, пак, позитивно делуваше врз акциите.

Меѓутоа, откако при крајот на вчерашното тргување цените на нафтата завршија во плус од околу 1 отсто, во четвртокот претпладнето ги загубија сите добивки. На лондонскиот пазар цената на барелот се лизна за 1,1 отсто, на 34,04 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 0,9 отсто, на 31,86 долари.

Најмногу во четвртокот утрото паднаа цените на акциите во Шангај, што според аналитичарите, е последица на повлекување на заработките од пазарите, откако изминатите седмици берзанските индекси помалку пораснаа.

Во Јапонија, пак, индексот Nikkei значително порасна благодарејќи на силниот скок на цената на акцијата на „Sharp“, бидејќи овој технолошки гигант се согласи на понудата за преземање од страна на тајванската компанија „Foxconn“.

Позитивно на Токиската берза влијае и надолниот курс на јенот во однос на американскиот долар од највисоките нивоа во последните две седмици. На валутните пазари, имено, поради падот на акциите на светските берзи последните денови јакнеа јапонскиот јен и швајцарскиот франк, кои се сметаат за сигурни засолништа за капиталот во несигурните времиња.

Меѓутоа, откако во средата курсот на доларот нурна на најниското ниво во последните две седмици, на 111,04 јени, во четвртокот скокна на 112,30 јени. Но американската валута ослабе во однос на европската, па во четвртокот претпладнето цената на еврото достигна 1,1035 долари, додека во средата во истиот дел од денот чинеше 1,1005 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП