7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСаудиските пораки и рекордните резерви во САД ја турна цената на нафтата

Саудиските пораки и рекордните резерви во САД ја турна цената на нафтата

naft 004

Цените на нафтата се спуштија на меѓународните берзи под 33 долари за барел, откако Саудиска Арабија ја исклучи можноста од намалување на производството, а резервите во САД достигнаа рекордно ниво, нагласувајќи го проблемот со прекумерното снабдување.

На лондонската берза цената на барелот падна за 88 центи во однос на претходното затворање и изнесуваше 32,39 долари. Во вторник го заклучи тргувањето во минус 1,42 долари. На американскиот пазар барелот денеска се тргуваше по 1,17 долари пониска цена, од 30,70 долари. Во вторник на тој пазар го заклучи тргувањето во минус од 1,52 долара.

Расположението на нафтените пазари го придуши изјавата на саудискиот министер за нафта Али ал Наими дека производството нема да се намалува ни доколку повеќе земји пристапат кон договорот за замрзнување на производството на јануарското ниво. Членките на Организацијата на земји извознички на нафта(ОПЕК) и произведувачите надвор од картелот што ја поддржуваат оваа иницијатива најавија состанок во средината на март.

„Изјавите на Ал Наими го торпедираа неоснованиот раст на цените. Пазарот исправно го препозна неговиот настап како сигнал за пад на цената“, заклучи Дејвид Хафтон од брокерската компанија PVM.

Замрзнувањето на производството само по себе можеби нема да биде доволно во значителна мерка да го намали вишокот во снабдувањето бидејќи ОПЕК произведува најмногу во изминатите неколку години, а во јануари производството беше и дополнително зголемено.

„Со оглед на тоа ниво (на производство), рамнотежата во следните месеци нема значително да се подобри, дури ни доколку членките на ОПЕК навистина не го спроведат во дело договорот за замрзнување на производството“, истакнуваат аналитичарите на Energy Aspects.

Дополнително цените на нафтата ги притисна во вторник објавениот извештај на Американскиот институт за нафта, според кој резервите на сурова нафта минатата недела пораснале за 7,1 милиони барели, многу повеќе од очекуваното. Во среда попладне се очекува официјален неделен извештај на американската влада. Минатата недела Вашингтон извести дека резервите се на рекордно ниво.

ОПЕК во среда на својата интернет страница објави дека цената на барел на референтната кошничка на неговата нафта во вторник изнесуваше 28,94 долари, што значи дека паднала за 54 центи во однос на претходниот ден.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП