26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПолитиката ја гуши економијата – и бизнисмените и експертите бараат разврска

Политиката ја гуши економијата – и бизнисмените и експертите бараат разврска

cart

Политиката негативно влијае на економијата. И бизнисмените и аналитичарите едногласни – пролонгирањето на кризата го влече стопанството надолу.

Одложувањето на изборите од 24 април на 5 јуни не прави разлика за работењето на компаниите, но евентуалното пролонгирање на кризата и по овој датум дефинитивно ќе предизвика штети, велат менаџерите според кои последици веќе се чувствуваат, а оптимизмот полека се топи.

Во Сојузот на стопански комори (ССК) сметаат дека е многу важно да се знае дека целата ситуација ќе има конечна разврска со што ќе може да се продолжи со инвестициските планови и активности.

„Бизнисот е едногласен – оваа криза претставува дупка без дно која го јаде приватниот сектор, граѓаните, работодавачите, работниците, сите кои што се инволвирани. Не знам дали е крајната цел економската пропаст на Република Македонија, но апелирам истото да се спречи… Дополнителен проблем е што оние компании кои во моментов имале развојна компонента, истата не ја планираат повеќе. Тие нарачките кои им се загарантирани ќе ги остварат, но она со кое што планирале да го надминат производството или да го зголемат бројот на партнерите, со цел да го зголемат извозот, во овој момент гледаме дека нема да се случи“ објаснува Данела Арсовска, претседател на ССК.

Слични се позициите и во Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ). Според бизнисмените обединети во оваа асоцијација психолошкиот момент и неизвесноста влијаат на нивното работење, дел од планираните инвестиции веќе биле одложени во очекување на разрешница.

„Колкави ќе бидат последиците не можеме во моментот со точност да кажеме, но најдобра слика ќе добиеме по првото тримесечје. Многу битна е државната помош во областа на ослободување од даноци на старт-ап или на специфични сектори, полесен пристап до финансиски средства со ниски камати, планирање на државни квоти за набавка на бизниси кои се менаџираат од младите, од луѓето со инвалидитет, со што и овие категории ќе ги мотивираме да останат во државава, а истовремено ќе имаме посилни мали и средни претпријатија кои се двигател на светската економија или на националните економии поединечно“ изјави Неби Хоџа, претседател на СКСЗМ.

Асоцијацијата на менаџери на Македонија (АММ) смета дека од политичката криза страдаат економските субјекти, а со тоа во крајна линија и сите граѓани.

„Политичката криза ќе има многу лошо влијание врз Бруто-домашниот производ на земјава, врз зголемување на дефицитот во меѓународната трговска размена, и најнегативно ќе влијае врз стандардот на обичните граѓани, и тоа најсиромашните. Тие ќе претрпат најголеми штети, бидејќи, познато е дека се кине таму каде што е најтенко“, вели Зоран Витанов, претседател на АММ.

Дека неизвесноста го јаде бизнисот сметаат и економските аналитичари. Кризата која трае една година веќе имала негативно влијание на растот, покажуваат анализите на Finance Think.

„Неизвесноста го јаде бизнисот – всушност во 2015 му изеде најмалку 1 процентен поен од растот на додадената вредност. Ми се чини дека годинава ефектот ќе биде уште посилен. Според нашите проекции од декември растот ќе беше 3.8% годинава, но ризиците кои ја туркаат оваа проекција надолу во моментов работат со голем интензитет. Во март ќе излеземе со нова проекција. Економијата едноставно застана – сите, и граѓани и фирми се во исчекување што ќе се случи во оваа политичка мешаница. Кој носи долгорочни одлуки во ваков контекст? Никој. А, неизвесноста може да се намали само ако имаме избори кои ќе бидат фер, демократски и признати од сите засегнати страни. Без тоа, за жал последиците ќе бидат многу подалекусежни“ смета извршната директорка на Finance Think Благица Петрески.

Домашните компании, но пред се странските инвеститори бараат стабилност и сигурност. Никој не вложува во земја во која долгорочно владее неизвесност смета и универзитетскиот професор Марјан Петрески.

„Значајно е и страната на увозот доколку се анализираа, таа има намалување последните месеци што е рефлексија на воздржаноста на странските инвеститори кои се веќе присутни да преземаат поголеми одлуки веројатно додека не ја видат разрешницата“ вели Петрески.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП