Лондонската и Германската берза преговараат за соединување за кое се разговараше и пред 15 години, објави „The Guardian“.
Берзата во Лондон потврди дека е во преговори со Германската берза, а според предложениот договор акционерите сопственици на берзата во Франкфурт ќе добијат 54,4 oтсто удел во новата компанија, додека акционерите од Лондонската берза би добиле 45,6 проценти.
„Управата верува дека потенцијалното соединување преставува можност која не треба да се одбие со цел двете компании да се зајакнат“, соопшти Лондонската берза.
Берзите во Лондон и Франкфурт и претходно преговараа за соединување. Договорот беше постигнат во 2000-та година, пред него да биде отфрлен поради понудите од „OM“ групацијата, сопственик на берзата во Стокхолм, за купување на Лондонската берза.
Подоцна пропадна договорот со шведската компанија. Лондонската берза во 2005-та ја отфрли формалната понуда од Германската берза од 1,3 милијарди фунти.
По вестите за новите разговори, акциите на Лондонската берза пораснаа за 12,4 oтсто, а на Германската за 3,6 проценти.