30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБизнис со недвижности – побарувачката намалена, цените зацементирани

Бизнис со недвижности – побарувачката намалена, цените зацементирани

stanovi2 2

Станови има, но нема кој да ги купи. Сепак, цените и натаму се ѕидаат високо. Продажбата е намалена и до 20%, а квадратот остана зацементиран.

НБРМ: цените непроменети три години

narodna-banka222

Според анализите на Народната Банка (НБРМ) цените на становите се непроменети три години. Во последните 15 години биле највисоки кон крајот на 2008-та кога просечно квадратниот метар одел речиси 13% поскапо во однос на крајот на 2015-та.

„Недвижноста во моментов е потценета. Нејзината вредност треба да биде поголема, но таа паѓа зашто основните законитости во економијата се нарушени – понудата и побарувачката… Кај народот е создадена таква слика дека цените ќе паѓаат. Си викаат чекај нема да купуваме, тоа доста влијае на застојот и на побарувачката“, објаснува сопственик на агенција за недвижности од Скопје.

Градежниците не планираат корекции на цените

gradeznici 3535

Според процените на дел од градежниците само во главниот град има меѓу 3.000 и 5.000 непродадени станови. Сепак тие не планираат да прават корекциите на цените, тврдат дека и со квадрат од 1.200 до 1.300 евра во центар и од 800 до 900 на периферијата и сега работеле на границата на профитабилност.

„Во цената на станот не влегуваат само трошоците на градба туку и трошоците за самата локација. Речиси и да нема празни парцели низ градот па најчесто мораме да откупуваме постоечки куќи за што плаќаме сериозен надоместок кон сопствениците. Тука влегуваат и давачките за комуналии, за приклучоци. Кога се ќе се собере за нас останува многу малку“ тврди сопственик на помала градежна фирма која во моментов прави два станбени објекти – едниот на Водно, другиот во Дебар Маало.

Скопје: становите најевтини во Ченто, најскапи во Центар

skopje 00054

На еден од популарните интернет огласници во моментов се нудат над 10.000 станови само во Скопје. Сепак, реалната бројка е помала бидејќи често иста недвижност се огласува и директно од сопственикот и од повеќе агенции кои ја преземаат.

Според понудата најевтини стари станови има во Ченто и Топаанско поле, а најскапи во Центар и на Водно.

Населба Квадратура Цена
Ченто 70 м2 38.500 €         550 € м2
Топаана 63 м2 37.800 €         600 € м2
Скопје Север 107 м2 70.000 €         655 € м2
Автокоманда 80 м2 60.000 €         750 € м2
Ѓорче Петров 100 м2 75.000 €         750 € м2
Аеродром     81 м2 70.000 €         865 € м2
Ново Лисиче 61 м2 51.000 €         836 € м2
Карпош 4 72 м2 65.000 €         900 € м2
Козле 61 м2 66.000 €         1.080 € м2
Водно  68 м2 74.000 €         1.090 € м2
Црниче 61 м2 67.100 €         1.100 € м2
Дебар Маало 59 м2 65.000 €         1.100 € м2
Улица Македонија 74 м2 100.000 €      1.350 € м2

 

ДЗС: 58% од Македонците живеат во куќи, 42% во станови

Според анализите на Државниот завод за статистика 58% од домаќинствата живеат во индивидуални куќи, а 42% во станбени згради. Просечната површина на домовите е 83 квадратни метри – најголеми се во југозападниот регион со речиси 100 квадрати, а најмали во вардарскиот, нешто над 73 квадрати.

Најголем дел од куќите и становите во Македонија се изградени уште во времето на Југославија (пред 1991-та). Помалку од 1% се направени во последните 5 години.

Минатата година биле издадени 3.143 одобренија за градење, од нив 1.938 за високоградба односно за станбени и деловни објекти. Најмногу одобренија по традиција се издаваат во скопскиот регион, а потоа во полошкиот и пелагонискиот.

Во Скопје најчесто се прават двособни станови (во декември лани биле издадени 198 такви одобренија), потоа трособни (181), четирисобни (82), еднособни (34) и петособни и поголеми (19).

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП