3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКоњановски: Создаваме дополнителна вредност на македонскиот земјоделски производ

Коњановски: Создаваме дополнителна вредност на македонскиот земјоделски производ

konjanovski

Владата презема активности за создавање дополнителна вредност на македонскиот земјоделски производ. По низата програми од 2006-та година за раст  и развој на земјоделството, сега треба да тргнеме со уште покрупни чекори преку градење објекти за доработка и преработка на земјоделски производи.

Тоа го истакна заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски, во обраќањето на ИПАРД форумот „Нови измени во ИПАРД програмата  – подобри можности за користење на европските фондови“, што се одржа во Битола.

Според Коњановски, соработката со локалната самоуправа во Битола ќе се интензивира  во наредниот период со цел да се реализираат што побргу заедничките проекти и да се искористат европските средства преку ИПАРД програмата наменети за унапредување на земјоделските стопанства  и за развој на капацитети што овозможуваат доработка и преработка на земјоделски производи.

„Во исто време преку оваа помош ќе може да се вложува во руралниот туризам. Ќе имаме добра можност да им презентираме на сите оние што се заинтересирани за развој на руралниот туризам да можат да ги искористат европските средства, бидејќи преку ИПАРД програмата и одредени мерки има средства што може да се искористат за изградба на хотели, мотели во руралните средини со капацитет од 30 до 50 легла“, рече Коњановски.

Коњановски исто така порача дека средствата треба што побргу да се искористат со цел да се обезбедат дополнителни нови вработувања, но и нови вредности во руралниот туризам на Македонија.

Заменик министерот посочи дека од 2009-та година на Македонија и се на располагање европски средства и дека досега се реализирани седум јавни повици од кои се искористени 15.5 милиони евра, наменети за развој на земјоделството. Тој истакна дека во Битола исто така има корисници на ИПАРД програмата.

Во врска со олеснување на административната постапка околу користењето финансии од ЕУ-фондовите, Коњановски одговори дека мора да се прилагодиме на европските правила на игра.

„Оваа помош всушност е начин на прилагодување на моментот кога Република Македонија ќе влезе во ЕУ и ние токму сега мора да го изодиме тој пат, да знаеме како се подготвуваат тие документи, како се обезбедуваат градежни дозволи, како се пренаменува една земјоделска парцела во градежна. Понекогаш се потребни месец, два или три додека да се извадат потребните документи, но само со легални документи ќе може да се користат европски средства“, наведе Коњановски.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП