17 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПочина славната американска писателка Харпер Ли

Почина славната американска писателка Харпер Ли

harper li

Американската писателка Нели Харпер Ли, авторка на романот што ја прослави „Да се убие птицата што се потсмева“, почина на 89-годишна возраст, објави управата на нејзиниот роден град Монровил во сојузната држава Албама.

Нејзината смрт ја потврди портпаролката на градската управа на Монровил, каде што последните години од животот ги мина добитничката на реномираната Пулицерова награда во 1961 година. Досега оваа 89-годишна авторка живееше во тамошниот дом за стари лица и беше прикована за инвалидска количка. Поради староста, делумно се ослабени слухот и видот. Харпер Ли живееше во тамошниот пензионерски дом. Харпер Ли целиот свој живот го одбегнуваше публицитетот, речиси и не даваше интервјуа и повеќе никогаш не објавуваше.

Во јули 2015 година беше објавено ненадејното продолжение на нејзиниот славен бестселер под наслов „Оди и постави стражар“ (Go Set a Watchman) во кој ги следи јунаците од првиот роман 20 години подоцна. И ова продолжение со продадени 1,6 милиони примероци беше во самиот врв на најпродаваните книги во САД во 2015-та, според податоците на институтот Nielsen.

Издавачката куќа „HarperCollins Publishers“ во првото издание отпечати два милиона примероци, а книгата има 304 страници.

Половина век беше потребно да се појави вториот роман на Харпер Ли, под наслов „Go Set a Watchman“. Насловот „Go Set a Watchman“, е роман кој е напишан во текот на 1950-те години, неколку години пред еден од најпознатите американски романи на XX век „Да се убие пицата која се потсмева“ (во македонскиот превод од To Kill a Mockingbird, инаку станува збор за вид птица дрозд), но Нели Харпер Ли до минатаа година не го објавила. Ракописот бил заборавен, а го открила адвокатката на славната писателка, Тоња Картер, во банкарски сеф и го иницираше неговото издавање. Според неа, Харпер Ли била изненадана од откритието и признала дека постоела конечна верзија на книгата која ја нарекла „мајката“ на нејзиното единствено познато дотогаш и славно дело.

Литературните критичари кои претходно се запознаа со текстот на романот, откриваат дека двете дела на авторката се обединети, не само со ликовите, туку на некои места и со дословно совпаѓање на текстот. Во 1957 година Харпер Ли испратила копија со текстот на романот „To Kill a Mockingbird“ на издавачот, но таа ѝ била вратена со препорака да „работи подобро“ и да напише роман врз основа на спомените од детството на хероината Џин-Луиз Фитч. Како резултат на тоа, текстот бил значително преработен и стана сензационалниот истоимен роман.

Новиот роман, како и неговиот претходник, ги покренува прашањата за расната дискриминација, раскажувајќи за враќањето од Њујорк на возрасната Џин-Луиз Фитч во родното гратче Мејкомб, во државата Алабама. Главното сознание и воедно разочарување за 26-годишната жена станува тоа што идеализираниот татко адвокатот Атикус Фитч е расист и поддржувач на расната сегрегација.

Како што предупреди Картер пред пуштањето во продажба на романот, „оние кои го очекуваат блескавиот наратив …., може да останат разочарани од новата книга, бидејќи иако станува збор за конечен текст, тој не беше редактиран. Тоа е токму она што таа (Харпер Ли) го напишала“.

„По многу двоумење, ја споделив приказната со неколку луѓе на коишто им верувам и задоволство ми е што можам да ги известам дека тие сметаат дека е вредно да се објави. Запрепастена сум од тоа што ќе биде издадена по сиве овие години“, објави во февруари 2015 година Харпер Ли.

И покрај тоа што авторката беше во поодмината возраст и фактот што таа никогаш повеќе не објавуваше по успехот на својата прва книга, во американските медиуми се појавија сомневања дека објавувањето на новата книга е направено со нејзина согласност. Нејзиниот близок пријател, историчарот Вејн Флинт, пак, не исклучува дека наскоро може да се појават уште две книги на Харпер Ли.

Иако „To Kill a Mockingbird“ е единствениот роман кој го објави во 1960 година, Харпер Ли е добитничка на многу награди, покрај Пулицеровата и на Претседателскиот медал на слободата. Овој роман, посветен на расната дискриминација во нејзината родна сојузна држава Алабама, претставува класик на модерната американска книжевност. Во светот е продаден во повеќе од 40 милиони примероци и е преведен на повеќе од 40 светски јазици.

Во повеќе анкети е прогласен за најдобриот американски роман на XX век а во 1999 година во изборот на Library Journal, беше прогласен за Најдобар роман на векот. Истоимениот филм за случај во кој црн маж е обвинет за силување бела жена во времето на Големата депресија во САД е снимен две години по објавувањето на книгата и освои три Оскара, од кои еден му припадна на славниот Грегори Пек за најдобра улога.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП