Додека илјадници млади секоја година ги пакуваат куферите во потрага по подобар живот во странство, сè поголем број од нив почнуваат да се враќаат назад – со план, искуство и со желба да започнат сопствен бизнис во Македонија.
Тие не се дел од вообичаената статистика за иселување, туку нова генерација која верува дека успехот не мора да значи напуштање на татковината, туку вложување во неа.
29-годишниот Марко од Скопје поминал 5 години во Германија како автомеханичар. Имал стабилна работа, добри услови и сигурен приход, но вели дека никогаш не се чувствувал како „свој на своето“.
„Работата беше во ред, ама кога ќе дојдеше викенд, се чувствував празно. Дружење нема, фамилијата е далеку. Дојде момент кога си реков – што ако сите години ги вложам во свој бизнис овде, наместо да работам за некој друг таму?“, раскажува Марко, кој денес има сервис за електрични тротинети и велосипеди.
Слична одлука донела и Ана Миленковиќ, која 4 години работела како келнерка и бариста во Малта. Таму, вели, научила многу за тоа како функционира угостителството на повисоко ниво, но и сфатила дека сака тоа искуство да го пренесе во Скопје.
„Заработував доволно, но животот ми се сведуваше на работа и на спиење. Сè ми беше пресметано, без душа. Се вратив и отворив мал кафич во Ѓорче Петров, каде што пиете вистинско кафе и разговарате со луѓе, нема само брзање“, вели Ана.
Токму во малите градови и населби младите гледаат можност за развој. Не се плашат од предизвиците, туку ги прифаќаат како дел од патот.
Јован Павлов, кој се вратил од Словенија за да направи мала дигитална агенција во своето родно Скопје, вели:
„Ми велеа дека сум луд. Од 1.800 евра плата да се вратиш дома? Ама тука имам време за себе, работам за клиенти од странство и истовремено живеам мирно. Плус, вработив и уште две девојки кои се од тука и сакаа да останат“.
Иако не е сè идеално – бирократијата, нестабилната економија и недостигот од поддршка се секојдневна борба – за овие млади луѓе, вреди. Сакаат да покажат дека успех може да се гради и овде, со упорност и јасна визија.
Нивните приказни се надеж дека не е неопходно да заминеш за да успееш – понекогаш, токму враќањето е првиот чекор кон нешто големо.
Б.З.М.