Цените на европските берзи во петокот се стабилни, по силниот раст во првиот дел од неделата, а во фокусот на инвеститорите се најдоа кварталните деловни резултати на компаниите.
FTSEurofirst индексот на 300 водечки европски акции околу 11,00 часот беше во плус 0,02 отсто, на 1.288 поени, откако вчера ослабна 0,1 отсто.
Лондонски FTSE истовремено беше во плус 0,20 отсто, на 5.982 поени, а париски CAC 0,10 отсто, на 4.244 поени, додека франкфуртски DAX ослабна 0,10 отсто, на 9.452 поени.
Благодарение на силниот раст на цените на акциите во првиот дел од неделата, FTSEurofirst 300 моментно е во плус околу 5 отсто во однос на почетокот на неделата.
Овој раст беше поттикнат со скокот на цената на нафтата, откако неколку најголеми светски производители договорија замрзнување на производството на јануарско ниво.
Но, цената на црното злато во последните денови повторно беше под притисок, поради што спласна еуфоријата на берзите.
„Не е јасно дали растот на цените на акциите губи замав, или станува збор за нужна корекција пред натамошен раст“, вели Маркус Хјубер, од City of London Markets.
Меѓу добитниците изутрината се издвои банкарскиот сектор, со раст од 0,8 отсто, а меѓу губитниците се издвои акцијата на Allianz, со пад на цената за речиси три отсто, бидејќи резултатите на германската осигурителна компанија беа послаби од очекуваните.