4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСредното училиште „Орце Николов“ стана енергетски ефикасно

Средното училиште „Орце Николов“ стана енергетски ефикасно

orcece

Зградата на Средното училиште на Град Скопје „Орце Николов“ е целосно реконструирана во насока на зголемување на енергетската ефикасност на објектот, а проектот го реализираа Град Скопје и УНДП.

„ Во ова училиште се заменети сите стари прозорци со енергетско ефикасни, поставен е нов покрив со изолација и исто така е поставена изолација од внатрешна страна на надворешните ѕидови со стиропор со дебелина од 10 сантиметри. Во текот на градежниот зафат е освежена и фасадата, односно се бојадисани само циглите – 506 квадратни метри, а бојадисани се и сите грејни тела во училиштето, на коишто им се инсталирани 163 нови вентили“, рече скопскиот градоначалник Коце Трајановски.

Тој додаде дека со преземањето на овие мерки за енергетска ефикасност се предвидува заштеда на енергија околу 30%, како и подобрување на амбиенталната температура во просториите.

Целиот проект чини 3.588.057 денари, а финансиските средства за реализација на овој проект се собрани по пат на кофинансирање на Град Скопје и УНДП, од кои Градот учествува со 2.000.000 денари.

„Инаку, Градот има изготвено проекти за реконструкција на фасади со мерки за енергетска ефикасност за сите средни училишта кои се под наша надлежност и во текот на следните години планираме да ги реализираме тие проекти. На ист начин со УНДП, по пат на кофинансирање, извршена е и реконструкција на фасадата во СУГС „Јосип Броз Тито“ и се надеваме дека и во иднина ќе соработуваме со УНДП и ќе реализираме успешни проекти“, истакна градоначалникот Трајановски.

Луиза Винтон од УНДП го изрази своето задоволство од одличната соработка со Градот и ги посочи за нив трите главни придобивки од реализацијата на овој проект, а тоа се заштедата на трошоците за греење за 30%, намалувањето на емисиите на штетни гасови и создавањето на попријатни услови за учење и работа на учениците и наставниот кадар во училишниот објект.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП