22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАДраги: Банките станаа поотпорни, можен нов монетарен поттик

Драги: Банките станаа поотпорни, можен нов монетарен поттик

ITALY NAPLES ECB MEETING

Претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ) Марио Драги порача дека банките сега се подобро заштитени од колапс од што беа пред финансиската криза и дека ЕЦБ ќе реагира доколку биде потребно за да поттикне раст на економијата.

Во говорот во Европскиот парламент, Драги рече дека банките и целиот финансиски систем сега се многу поотпорни од што беа порано, обидувајќи се на тој начин да ја намали загриженоста поради остриот пад на цените на акциите на банките.

Од почетокот на годината берзанскиот индекс на банкарскиот сектор на еврозоната потона за над 25 отсто бидејќи инвеститорите стравуваат од последиците од падот на цените на сировините, построгата регулатива и ниските каматни стапки врз работењето на банките.

„Остриот пад на цените на акциите на банките одразува поголема чувствителност на секторот од послабите од очекуваните економски изгледи“, рече Драги.

Сепак, тој додаде дека банките сега имаат подобри капитални темели од што имаа за време на должничката криза во еврозоната пред четири години.

Ниската профитабилност и близу 1.000 милијарди евра лоши кредити, како наследство од европската должничка криза, го притискаат банкарскиот сектор, но банките сега се подобро капитализирани откако низа година беа под притисок на регулаторите.

Состојбата во банкарскиот сектор сега е многу поинаква во споредба со 2012 година“, истакна челникот на ЕЦБ.

Со оглед на сигналите за слабеење на економијата на еврозоната и ниската инфлација поради остриот пад на цените на енергентите, Драги рече дека централната банка е подготвена да ја одигра својата улога во јакнење на економијата и поттикнување на растот на инфлацијата, која е далеку од целното ниво на ЕЦБ од околу 2 отсто.

Драги најави дека раководството на ЕЦБ на седницата во март би можело да воведе дополнителни монетарни мерки за да поттикне раст на економијата на еврозоната, која е под притисок од слабите инвестиции, забавениот раст на производниот сектор, геополитичкиот ризик и слабостите во глобалната економија.

Големите превирања на свеските финансиски пазари од почетокот на годината анулираа поголем дел од влијанието на новите поттикнувачки мерки, кои ЕЦБ ги воведе во декември, поради што е зголемен притисокот врз ЕЦБ дополнително да ја олабави монетарната политика.

Во декември ЕЦБ дополнително ја зголеми негативната каматна стапка на депозитите на банките на нејзините сметки за 0,10 отстотни поени, на минус 0,30 отсто и ја продолжи програмата за откуп на обврзници вредна 1.500 милијарди евра, за шест месеци. На тој начин се обидува да го поттикне кредитирањето, а со тоа и растот на економијата и на инфлацијата.

Со оглед на слабоста на економијата и ризиците од дефлација во еврозоната, аналитичарите очекуваат нови поттикнувачки мерки, меѓу останатото и дополнително зголемување на негативните камати на депозити во оваа година на минус 0,40 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП