Американската компанија „Coca-Cola“ привремено ќе го запре производството во три фабрики во Индија поради слабата продажба, соопштија претставниците на компанијата.
„Coca Cola“ донесе ваква одлука во моментот кога се соочува со обвиненија за прекумерно трошење на подземните води.
„Производството во трите фабрики привремено се прекинува“, изјави портпаролот на „Coca-Cola“ Калијан Раџан, пренесува агенцијата Франс прес.
Во Индија постојат 54 производствени погони кои произведуваат безалкохолни пијалоци за „Coca-Cola“, наведува француската агенција.
„Пазарот веќе некое време не е добар за индустријата на безалкохолни пијалоци во Индија поради повеќе фактори“, изјави вториот портпарол на „Coca-Cola“, Кемлеш Шарма, додавајќи дека причината за затворањето на овие фабрики не е противењето на заедницата која ја обвинува „Coca-Cola“ за прекумерно користење на подземните води и сушење на нивните извори.