7 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАСо филмот „Heil Caesar“ на браќата Коен започна 66-то Берлинале

Со филмот „Heil Caesar“ на браќата Коен започна 66-то Берлинале

берлинале

Со проекцијата на филмот на режисерско-продуцентскиот тандем на браќата Џоел и Итан Коен – „Да живее Цезар“ (Heil Caesar), во четвртокот вечерта во германската престолнина Берлин беше отворено 66-то издание на Филмскиот фестивал попознат како Берлинале.

Фестивалот за отворен го прогласија претседателката на годинешното фестивалско жири, американската актерска легенда Мерил Стрип, кон која во Германија се однесуваат со особен пиетет, и директорот на Берлиналето, Дитер Кослик.

Претходно на публиката и многубројните ѕвезди од филмскиот свет им се обратија германската државна секретарка за култура Моника Грутерс и градоначалникот на Берлин, Михаел Милер, кои предупредија на актуелната мигрантска криза, во контекстот на годинешното мото на Берлиналето – „Право на среќа“.

Претходно во четвртокот беше најавено дека главниот протагонист на филмот „Heil Caesar“, Џорџ Клуни, во текот на фестивалот ќе се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел со која ќе разговараат за бегалската криза. „Сакам да видам што можеме заеднички да сториме“, изјави Клуни кој во досегашната кариера се истакна и со хуманитарни и социјални проекти.

Во филмот на браќата Коен, Џорџ Клуни го толкува ликот на холивудски актер од 1950-те кој славата ја стекнал со снимање историски спектакли, но среде снимањето на новиот филм е грабнат.

„Првото Берлинале се одржа во 1951 година, кога беше донесена Женевската конвенција за статусот на бегалците. Никој не зборува дека тоа е лесна задача. Но ѕидовите, бодликавата жица и наредбите да се пука, тоа се симболите коишто никогаш повеќе не смеат да тргнат од нашата земја“, изјави берлинскиот градоначалник Михаел Милер од сцената на Дворецот на Берлиналето на плоштадот што го носи името на легендарната актерка Марлен Дитрих, коешто беше директно пренесувано со превод на официјалната интернет страница на фестивалот.

Берлиналето, како што истакна Милер, „бил и останува фестивал на слободата“. „Тоа е силна порака, која треба моќно да делува деновиве“, додаде.

Постојаната последните години домаќинка на фестивалот, актерката Анке Енгелке, намерно на мешавина од англиски и германски ги покануваше актерите, актерките, режисерите и продуцентите во салата.

„Голема чест преставува да се биде денеска во градот кој го сака филмот, го сака софистицираниот провокативен филм…. Многу сум среќна што сум тука. Претставува вистинска привилегија да се биде во вакво жири“, изјави Мерил Стрип.

На прашањето на водителката како ќе гласа како претседателка на жирито, доколку за некој филм се изедначени гласовите, Стрип се пошегува велејќи дека тоа ќе зависи како кон неа се однесуваат авторите на филмовите. „Имам два гласа, бидете добри со мене“, порача актерката.

На годинешното Берлинале, кое ќе трае до 21-ви февруари, во десетте селекции ќе бидат прикажани вкупно 434 филмови. Во главната конкуренција ќе бидат прикажани 23 филма, а за главните награди – Златната и Сребрената мечка претендираат 18 дела, додека другите се вон конкуренција, вклучително и филмот на браќата Коен, а за 19 филмови во Берлин ќе се одржи светската премиера.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП