3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПренџов: Општините поседуваат капацитети за искористување на средствата од ЕУ

Пренџов: Општините поседуваат капацитети за искористување на средствата од ЕУ

цхади

Во текот на првиот програмски период се создадени институционални капацитети, има реализирано многу проекти од страна на општините, граѓанскиот сектор и од другите субјекти, а ова искуство и знаење ќе придонесе за максимална апсорпција на расположливите средства од Европската унија, рече во четвртокот заменикот министер за локална самоуправа, Љупчо Пренџов.

На состанокот со градоначалникот на општината, Славчо Чадиев, Пренџов разговараше за подготвеноста на општината да аплицира со свои проекти за користење на средства од ИПА Програмата за прекугранична соработка.

Пренџов информираше дека министерството за локална самоуправа е задоволно од реализацијата на средствата во рамките на ИПА Програмата на Европската Унија за прекугранична соработка и ќе настојува во новиот програмски период да достигне ниво од над 95 проценти.

Градоначалникот Чадиев рече дека општина Велес заедно со Центарот за развој на Вардарскиот плански регион имаат подготвено проекти и на актуелниот јавен повик планираат да достават три апликации. Ја истакна подготвеноста на општината, како и воопшто на планскиот регион, за реализација на проекти коишто се финансираат од различни извори.

Заменикот министер Пренџов оствари средба и со раководителот на Центарот за развој на планскиот регион, Марко Колев. На средбата, заменикот министер Пренџов рече дека Советот за рамномерен регионален развој вчера ги утврди проектите кои што ќе бидат финансирани од програмите за регионален развој. Ќе бидат финансирани 28 проекти од сите осум плански региони.

„Најголемиот број на проекти се инфраструктурни, а еден дел се подготвена техничка документација за поголеми проекти со кои дополнително ќе се аплицира со можност да се обезбедат средства и од други извори, рече Пренџов, кој ја истакна успешноста на Вардарскиот плански регион во реализацијата и на други проекти, како што е Бизнис центарот и Мрежата за инклузивен развој.

Раководителот на Центарот, Колев рече дека Вардарскиот плански регион аплицирал со пет проекти за развој на планскиот регион во вредност од 40 милиони денари. Исто така подготвуваат и проект за прекугранична соработка со Грција. Овој плански регион е првиот во кој беше воспоставена Мрежа за инклузивен развој како и Бизнис центарот кој што располага со Е-Водич за инвеститори и со Збирка на индустриски зони, а веќе реализира и активности за поддршка на малите и средни претпријатија.

Заменикот министер најави дека многу брзо ќе бидат објавени уште два јавни повика, за развој на селата и за развој на подрачјата со специфични развони потреби на кои можат да аплицираат општините.

Пренџов информираше дека Министерството за локална самоуправа, покрај средствата за рамнмерен регионален развој, како надлежно за спроведување на ИПА Програмата за прегугранична соработка, во вториот програмски период до 2020 година ќе менаџира и со околу сто милиони евра, средства од Европската Унија и национално кофинансирање, наменети за проекти за прекугранична соработка со Бугарија, Албанија, Грција и со Косово, а во фаза на подготовка е и Програмата за прекугранична соработка со Србија.

Првиот повик за проектни предлози од ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Грција и Република Македонија за периодот 2014/2020 е објавен на 7-ми декември 2015 и ќе биде отворен до 15-ти март. Во рамките на овој повик на располагање стојат 20,5 милиони евра за финансирање на проекти од двете страни, а за целиот програмски период вкупно 45,5 милиони евра.

Проектите треба да се однесуваат на една од четирите области- Промовирање на вработеноста, мобилност на работната сила, социјално и културно вклучување во прекуграничната област, заштита на животната средина и промоција на прилагодувањето, намалувањето, спречувањето и управувањето со ризиците од климатските промени, промовирање на одржлив транспорт и подобрување на патната инфраструктура, како и поттикнување на туризмот и културното и природно наследство.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП