19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИндустрија за мебел: раст и покрај предизвиците – ќе има ли поскапувања?

Индустрија за мебел: раст и покрај предизвиците – ќе има ли поскапувања?

img01_1

Од 21 до 211 евра годишно одвојуваат македонските семејства за купување на мебел и покуќнина.

Трговија со мебел – различни методологии, различни бројки

Според анализата од Државниот завод за статистика (ДЗС) „Промет во трговијата на мало“ годишно вкупно се трошат по околу 12 милиони или по 21 евро од семејство. За опремување на кујни одат по 2 милиона и 150 илјади евра, за спални и дневни соби, како и за трпезарии по 7 милиони и 700 илјади евра, а за друго останатите 2 милиони и 150 илјади евра. Дополнителни 1 милион и 900 илјади евра се трошат на светилки, лустери и столни ламби.

Од друга страна податоците на ДЗС во публикацијата „Просечна потрошувачка на домаќинствата“ покажуваат дека годишно семејствата трошат по 211 евра за поднова со мебел и покуќнина.

Различните бројки се резултат на официјалната и неофицијалната трговија. Помалата сума го зема предвид само прометот на мало во салоните за мебел, а поголемата е добиена со анкета и во неа влегуваат и нарачките преку дивите мајстори.

Најголем проблем сивата економија односно дивите мајстори

Токму сивата економија односно нелојалната конкуренција е најголем проблем за производителите на мебел.

„Ние гарантираме за квалитетот, плаќаме давачки и придонеси за вработените, плаќаме даноци за секој продаден производ, а оние кои работат на диво не плаќаат ништо. Нудат понизок квалитет и пониски цени и го уриваат пазарот. Мебелот произведен во фабрика не може да се спореди со оној произведен во некоја гаража, но стандардот си го прави своето и многумина се одлучуваат за поевтината варијанта иако често се случува и дивите мајстори да имаат солидни па дури и повисоки цени од масовното производство. Сепак, во јавноста преовладува мислењето дека тие се поевтини па затоа и земаат најголем дел од колачот“ вели менаџер во салон за мебел од Струмица кој што има и сопствени погони за производство.

Конкуренцијата е добра за бизнисот, но само доколку е легална. Проблем не е големиот број на погони за мебел туку уште поголемиот број на диви односно нерегистрирани мајстори.

„Има доста производители и доста салони за мебел во Македонија кои нудат широка палета на производи. Конкуренцијата е голема, но е добра за бизнисот. Ни дава мотив да произведуваме се поквалитетен и поквалитетен мебел, да воведуваме нови технологии за да бидеме поконкурентни на пазар… Цените што ги нудиме се прифатливи во однос на квалитетот што го нудиме“ вели менаџер на салон за мебел од Гостивар кој што има и сопствени погони за производство.

Најголем дел од мебелот доаѓа од увоз иако расте и домашното производство

Нема податоци колкав дел од мебелот се произведува во Македонија, колкав доаѓа од увоз, а колкав завршува за извоз.

Ако се суди според изјавите од салоните, најголем дел од парчињата се од странство.

„Го променивме асортиманот и повеќе нудиме поевтини а сепак квалитетни производи. Помалку се продаваат кожни гарнитури, повеќе од штоф. Имаме намалена заработувачка, но цените ги одржавме исти веќе подолг период“ вели сопственик на салон за мебел кој се бави само со увоз и трговија.

„Клиентите секогаш прават баланс помеѓу квалитетот и цената. Ние се трудиме да понудиме артикли кои ќе ги исполнат и едното и другото барање. Сепак, претежно се бараат поевтини производи. Таков ни е стандардот и ние се движиме во рамките на тие цени“ вели менаџер од друг салон кој исто така се бави само со увоз и трговија.

Мебелот кој се увезува во Македонија во најголем дел стигнува од Србија и Босна, помалку од Хрватска и Словенија, а поексклузивните парчиња доаѓаат од Италија.

Засега нема најави за поскапување и покрај повисоките цени на дрвото

Индустријата за мебел работи успешно и покрај притисоците за раст на цените. Салоните за мебел бележат зголемување на продажбата споредено со лани, а слични планови имаат и за годинава.

Големиот број на компании во овој сектор и нелојалната конкуренција ги натераа производителите да ги намалат цените, иако секоја година плаќаат се поскапо за репроматеријали. Од салоните за мебел се надеваат дека кризата која имаше огромно негативно влијание врз нивниот сектор е зад нив и дека по завршувањето на зимата и стартот на новата сезона на опремување и реновирање на домовите и тие ќе продадат и ќе заработат повеќе.

„Тоа во принцип не зависи од нас. Зависи од нашите добавувачи на материјалите. Иако во претходниот период имаше дури и зголемување на цените на репроматеријалите ние не ги поскапивме производите, но заработката ни се намали. Сега за сега немаме информации за ново поскапување на репроматеријалите. Чекаме добавувачите да не известат. Најмногу работиме со увозни програми иако имаме и македонски. Цените се приближно исти за масивното дрво без разлика од каде доаѓа“ вели менаџер на салон за мебел од Гостивар кој што има и сопствени погони за производство.

„Цените остануваат исти сега за сега. Можно е да има покачување, но цените засега се исти. Очекуваме подобра продажба. Кризата имаше влијание, но мислам дека случувањата одат на подобро и продажбата се зголемува. Претстои период кога се реновира и средува домот па очекуваме раст на побарувачката“ вели менаџер во салон за мебел од Струмица кој што има и сопствени погони за производство.

Статистиката покажува позитивни биланси во оваа индустриска гранка. Во 2015-та во однос на 2014-та производството било зголемено 12.9%. Во истиот споредбен период бројот на вработени во секторот бил зголемен за 5.3%.

Уникатните дизајнирани парчиња стануваат се попопуларни

Во однос, пак, на навиките на потрошувачите, според производителите и трговците, Македонците сакаат да купуваат современ мебел и производи. Компаниите постојано ги следат новините, но сепак велат дека повеќе работат на задоволување на сите вкусови. Се попопуларни се и уникатните дизјанирани парчиња кои сепак имаат и посолени цени.

„Се јавува интерес за дизајн производи пред се кај помладите, оние на возраст меѓу 30 и 50 години. Оние кои сакаат уникатно парче се подготвени да платат и повеќе“ вели Тамара Ѓоргиевска, дизајнер на мебел.

Слични се искуствата и на Катерина Трпковска која исто така изработува уникатни парчиња.

„Има интерес особено од помладите генерации. Дизајнираните производи се поскапи поради нивната уникатност, но голем дел од купувачите се уште не го сфаќаат тоа“ објаснува Трпковска.

Расте бројот и на странски луксузни салони кои откриле дека во Македонија се повеќе се бара европскиот квалитет и уникатен мебел. Оние што го нудат на пазарот велат дека има мебел со врвен и поскап квалитет.

Сепак, овие уникатни производи генерално се за оние потрошувачи со подлабок џеб, бидејќи токму тие нудат дизајнерски печат. Производот што би го купиле од кај нив гарантира дека нема да се најде на друго место, но за тоа ќе мора да се плати и за неколку пати повеќе.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП