15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоследниот предлог буџет на Обама предвидува и 10 долари данок на секој...

Последниот предлог буџет на Обама предвидува и 10 долари данок на секој барел нафта

obama-budget

Американскиот претседател Барак Обама го поднесе во вторникот својот осми и последен предлог на буџетот од 4.100 милијарди долари во кој предвидува поголеми вложувања во кибернетичката безбедност, и данок од 10 долари на барел сирова нафта, за што се претпоставува дека тешко ќе добие зелено светло во Конгресот.

По состаноците со советниците за национална безбедност, претседателот Барак Обама изјави за новинарите дека САД мора да ги зголемат средствата за унапредување на застарените владини технолошки системи, кои многу заостануваат зад приватниот сектор. Во предлог буџетот, затоа, предложил зголемување на финансиските средства за американската кибернетичка безбедност.

Во својата годишна процена за безбедносните закани врз САД, шефот на Националната разузнавачка служба, Џејмс Клапер, предупреди во вторникот дека кибернетичкиот и технолошкиот напредок „може да доведе до раширена изложеност на цивилната инфраструктура и на американските владини системи“.

Наведува, исто така, дека меѓу најголемите закани со коишто САД се соочени во 2016 година ќе бидат нападите од „домашните“ терористи, како и прекуокеанската закана од радикалната сунитска организација Исламска држава.

Обама го испрати во вторникот во Конгресот својот осми и последен предлог буџет во износ од 4.100 милијарди долари.

Предлог буџет за фискалната година којашто започнува на 1-ви октомври остро го критикуваа републиканците, кои се надеваат дека на претседателските избори во ноември годинава ќе влезат во Белата куќа. Имајќи предвид дека републиканците ги кријат двата дома на Конгресот, слаби се шансите дека предлогот на Обама ќе мине без поголеми измени.

Предлогот на Обама за буџетот предвидува зголемување на приходите од данокот за 2.500 милијарди долари во идната деценија, што е речиси двојно повеќе од 1.400 милијарди долари кои безуспешно ги бараше во минатогодишниот буџет.

Републиканските конгресмени веќе најавија дека предлогот на Обама за воведување на наметот од 10 долари по барел сирова нафта, за да се соберат дополнителни 319 милијарди долари во наредните десет години, нема никакви шанси да мине во Конгресот. Предлогот предвидува употреба на тие пари за финансирање на алтернативните начини за транспорт во рамките на борбата против глобалното затоплување.

Дури и со зголемување на даноците, предлогот на Обама предвидува значително зголемување на дефицитот кој следните десет години вкупно би изнесувал 9.800 милијарди долари.

Овој предлог буџет, исто така, предвидува раст на американскиот бруто домашен производ (БДП) за 2,6 отсто во оваа фискална година и инфлација од околу 1,5 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП