Најголемиот светски туроператор, германската TUI група, објави дека резервациите за Турција за ова лето паднале за 40 отсто заради загриженоста за безбедноста, додека побарувачката за Шпанија се зголеми.
Терористичките напади во Египет, Турција, Тунис и Париз ги загрижија туристите кои порано одеа во Турција, а глобалното расположение за патување спласна и заради појавата на вирусот Зика во Америка.
Оваа внимателност доаѓа во клучен период на годината за туристичките компании, бидејќи нивните клиенти често ги резервираат своите одмори во првиот квартал.
TUI и натаму смета дека основниот профит годинава ќе му порасне најмалку десет отсто, покрај падот на побарувачката за Турција.
Околу 14 отсто на клиентите на TUI минатото лето патува во Турција, при што најмногу од нив беа Германци. Откако во самоубиствен напад во јануари беа убиени десет Германци во Истанбул, побарувачката спласна.
Наместо тоа, TUI сега се сврти кон капацитетите во Шпанија и Грција, каде што хотелите бележат поголема побарувачка.
Турција понуди субвенции за авионски превоз за да ја стимулира туристичката побарувачка по нападите во јануари.