2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАДрамите доминираа на 30-то доделување на наградите Гоја

Драмите доминираа на 30-то доделување на наградите Гоја

драмите

Драмата комедија „Труман“ на режисерот Сеск Гаји, освои пет награди вклучително и за најдобар филм, актер, оригинално сценарио и спореден актер, на јубилејното триесетто доделување на наградите Гоја во Мадрид, шпанскиот еквивалент на американските Оскари.

Наградата Гоја е најзначајната шпанска национална филмска награда којашто од 1987 година ја доделува Академијата за филмски уметности и науки, а оваа година во нејзиниот избор доминираа драмите.

Авантуристичката драма „Никој не ја посакува ноќта“ (Nadie quiere la noche), најголемиот ривал на „Труман“ (Truman), освои четири, главно технички награди, вклучително и за најдобра песна.

Малата бронзена биста со ликот на славниот шпански уметник Франциско Гоја, ја доби и третата драма под наслов „Младенка“ (La novia), за најдобра споредна актерка и за филмска фотографија, иако беше номинирана во дури 12 категории.

Победникот на гала свеченоста, филмот „Труман“ на 48-годишниот Сеск Гаји, освои пет од шесте номинации. Филмот зборува за пријателството на две сосема различни личности, и за храброста за прифаќањето на смртта. Двајцата пријатели, аргентински филмски режисер во егзил и професор по математика, се среќни откако по многу години се среќаваат во Мадрид и се присетуваат на минатото, а таа средба воедно ќе им биде и последната.

„Филмовите не се натпреваруваат меѓусебно, а исто така ниту актерите. Кога ќе го слушнеш своето име на подиумот, прво се запрашуваш дали тоа е вистина. А потоа и дали ја заслужуваш наградата“, изјави 59-годишниот Аргентинец Рикардо Дарин, кој за улогата на еден од пријателите ја освоите наградата за најдобар актер. Дарин во септември ја доби за истата улога наградата најдобар актер и на реномираниот фестивал во Сан Себастијан, каде што „Truman“, исто така, беше прогласен за најдобар филм.

Вториот најуспешен филм, авантуристичката драма „Никој не ја посакува ноќта“, зборува за богата и образована жена која организира експедиција на Северниот пол за таму да се сретне со сопругот истражувач. На патот среќава скромна ескимска жена, а и покрај бројните културни и индивидуални разлики, мора да се обединат за да преживеат во борбата со тешките природни услови. Филмот на 55-годишна режисерка Изабел Коичет ги доби и наградата за оригинална музика, шминка, дизајн и за продукција.

Третата драма чии протагонисти се искачија на пиедесталот во Мадрид, филмот „Младенка“ е приказна за триаголникот на нераздвојните пријатели од детството чиишто односи се менуваат кога девојката, чиј лик го толкува Инма Куеста, треба да се омажи за еден од нив, а сака друг.

Покрај „Труман“, „Никој не ја посакува ноќта“ и „Младенка“, уште пет филмови се закитија со статуетките Гоја.

„Анаклето, тајниот агент“ за најдобри специјални ефекти, „Една есен без Берлин“ за најдобра новооткриена актерка – 27-годишната Ирене Есколар, „Еден совршен ден“ со најдобро прилагодено сценарио и „Покрив над главата и храна“ со најдобра актерка Наталија де Молина. Филмот „Клан“ на Аргентинецот Пабло Преперо, ја освои наградата за најдобар ибероамерикански филм, францускиот „Мустанг“ беше награден како најдобар европски филм, а „Фати го знамето“ е победник во категоријата анимиран филм.

Програмата за наградите Гоја која таеше во саботата вечерта повеќе од три часа, ја водеше 35-годишниот актер Дани Ровира, кој минатата година ја освои наградата за надежен актер по улогата во комедијата „Осум баскиски имиња“, кој беше прогласен за најпопуларен филм во Шпанија во 2014 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП