За само една деценија, Србија ја напуштиле околу 175.000 луѓе, најмногу млади и високообразовани на просечна возраст од 29 години, објави Радио-телевизија Србија (РТС).
Повикувајќи се на споредбени податоци од пописот на населението во 2011 година, РТС истакнува дека младите и високо образовани луѓе од Србија заминуваат во потрага по работа, и главно не се враќаат.
Истовремено, експертите од областа на социолошките науки укажуваат на фактот дека на младите им е сé потешко да најдат место на пазарот на трудот и да стекнат услови за осамостојување и формирање семејство, а за повеќето млади главна пречка на патот до осамостојувањето е невработеност. Според податоците на Националната служба за вработување, во евиденцијата има околу 766.500 невработени, а дури околу 183.000 невработени до 30 години, кои чекаат на работа во просек по две години.
Од вкупно 7.186.000 милиони жители во Србија, на возраст меѓу 20 и 29 години се околу 920.000.
Српската влада верува дека со усвојувањето на десетгодишната национална стратегија за младите би можело барем да се ублажи, ако не и да се спречи, одливот на мозоци, но во практиката има малку сигнали дека тоа би можело да даде некои позабележителни ефекти. Напротив, сé повеќе има показатели дека популацијата ќе биде сé помалубројна, а сé постара, сметаат српските социолошки експерти.
Според достапните податоци, во Србија во 2011 година во однос на 2002 година, имало 311.139 жители помалку, а проценетиот број на жители во 2012 година изнесувал 7.199.077 и во однос на претходната година се намалил за 59.676 лица.
Во Републичкиот завод за статистика проценуваат дека во 2041 година во Србија, на просекот од 6,8 милиони жители, секој четврти ќе биде повозрасен од 65 години.