Берзанските индекси благо пораснаа втор ден по ред, но се тргуваше повнимателно поради слабите економски резултати и економските показатели и кварталните деловни резултати на американските компании.
Dow Jones зајакна 79 поени, или 0,49 отсто, на 16.416 поени, додека S&P 500 порасна 0,15 отсто, на 1.915 поени, а Nasdaq 0,12 отсто, на 4.509 поени.
Растот на индексот пред се се должи на порастот на акциите во рударскиот сектор за 2,8 отсто по растот на цената на бакарот и останатите метали.
Цените на суровините во последните денови закрепнуваат по остриот пад на почетокот на годината, но тоа не е последица на зголемената побарувачка, туку на падот на курсот на доларот.
Американската валута е под притисок на низата послаби од очекувани деловни резултати кои укажуваат на слабеење на американската економија.
Вчера беше објавено и дека продуктивноста во четвртиот квартал од минатата година во САД падна по најголема стапка за повеќе од една година, додека новите нарачки на американските фабрики во декември паднаа најмногу во последната година.
Инвеститорите сега се уверени дека американската централна банка ќе го забави темпото за зголемување на цената на парите, поради што вредноста на доларот падна кон останатите светски валути четврти ден по ред.
„Многу показатели се послаби од очекувањата, па едноставно нема причина која би оправдала кревање на каматите“, вели Адам Сархан, директор во компанијата Sarhan Capital.
Задржувањето на ниските камати би требало позитивно да влијае на берзите, но Сархан вели дека и покрај настојувањата, берзата не успева да отскокне од пониските нивоа бидејќи ја притискаат послабите деловни резултати на компаниите и полошите економски показатели.